Актуелниот шампион Лос Анџелес лејкерс триумфираше синоќа над Феникс, додека Денвер го совлада Портланд за водство од 2:1 во серијата до четири победи во разигрувањето за титулата во НБА лигата.

По повеќе од осум години, „Лејкерси“ се радуваа на плејоф победа на домашен терен предводени од Ентони Дејвис, кој постигна 34 поени, додавајќи и 11 скокови, во триумфот над Феникс од 109:95.

Во вториот натпревар одигран ноќта меѓу четвртокот и петок на Западот, српскиот кошаркар Никола Јокиќ имаше блескава вечер и со 36 поени беше најзаслужен за гостинскиот триумф на Денвер на гостувањето кај Портланд од 120:115.

Милвоки го совлада Мајами на гостински терен со 113:84 и стигна на чекор до полуфинале во плејофот во Источната конференција, откако ниту еден тим во историјата во НБА лигата не испуштил предност од 3:0 во разигрувањето.