Пациентката на која вчера и беше трансплантирано срце е стабилна. Вчера имаше неколку ревизии, имаше некои мали крварења после што се најдоа некои технички извори на крварења што се решија и денеска е дефинитивно стабилна ги нема тие знаци што ги имаше вчера. Јас верувам дека тоа значи дефинитивно стабилизирање на состојбата, дека нема да се случи некаква друга хируршка компликација, истакна денеска министерот за здравство Венко Филипче.

Посочи дека тоа се информации од изутрината и непосредно пред настанот телефонски зборувал со докторите кои ја следат нејзината состојба.

– Верувам во таа насока ќе продолжи и во текот на денешниот ден. Сега е ситуација кога секој час, секоја минута е битна. Се пратат параметрите на секој час и во делот на анализа на крвната слика и во делот на параметрите на дишењето, работата на срцето. Се уште е рано, меѓутоа добри се знаците, додаде Филипче, одговарајќи на новинарско прашање по настанот на армискиот полигон „Криволак“, каде беше организиран Ден за високи гости на вежбата „Одлучен удар 21“.

Добро се и двајцата пациенти на кои вчера им беа трансплантирани бубрези од истиот починат донор. Трансплантацијата беше извршена кај 44 годишен маж кој беше на хемодијализа и кај 30 годишна жена која беше на перитонеална дијализа, информира Министерството за здравство.

Во процесот на трансплантација на бубрези, додаваат, учествуваа лекари од Клиника за нефрологија – проф. д-р Гоце Спасовски, д-р Лада Трајческа, д-р Ирена Рамбабова Бушљетиќ, д-р Зоран Јаневски, д-р Владимир Пушевски и медицинските сестри Виолета Танчевска и Даниела Урдаревиќ. Од Клиниката за урологија д-р Сашо Дохчев, д-р Сотир Ставридис, д-р Јосиф Јанчулев, д-р Александар Трифуновски, д-р Димитар Трајковски, д-р Виктор Станков и д-р Александар Јосифов, заедно со тимот инструментари, болничари, транспортери и медицински сестри од Центарот за трансплатација на бубрези. Анестезијата ја водеа д-р Александра Петрушева, д-р Александра Гавриловска и д-р Билјана Андоновска. Во процесот учествуваа од Институт за трансфузиона медицина проф. д-р Кочо Димитровски, биолози Персида Кадиева и Симона Караџовска.

Пациентката која ги донираше органите, со мозочна смрт ја дијагностицираа д-р Весна Дурнев, д-р Билјана Андоновска, д-р Маја Мојсова Мијовска – национален координатор за трансплантација, во соработка со д-р Менка Лазарева од Рентген институтот и д-р Жан Зимбаков и д-р Елена Груева од Клиниката за кардиологија.