Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, денеска на белградскиот аеродром испрати авион со 100.620 дози вакцини Фајзер како подарок за Чешка помош во борбата против епидемијата со Ковид-19, јави дописникот на МИА од Белград.

Владата на Србија на седница на 20 мај донесе одлука на Чешка да и се подарат 100.000 вакцини „Фајзер-Бионтек“ во знак на солидарност со граѓаните на таа земја во борбата против епидемијата со Ковид-19.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, за време на официјална посета на Чешка на 19 мај, понуди донација на премиерот на таа земја, Андреј Бабиш.

Бабиш тогаш на Твитер напиша дека претседателот Вучиќ му понудил „неверојатен подарок“ кој, како што истакна, ќе овозможи забрзување на вакцинацијата во таа земја.

-Со најдобри желби и Чешка да го победи коронавирусот што е можно побргу и сите заедно во Европа да продолжиме со нормален живот, економија, меѓусебни посети и патувања, порача денеска Брнабиќ на белградскиот аеродром..

Таа истакна дека во човечка смисла, најважно е кога може да им се помогнете на пријателите и партнерите.

На новинарско прашање за вакцинацијата во Србија, Брнабиќ кажа дека досега се вакцинирани 2.533.844 граѓани, поточно околу 47 отсто од вкупната полнолетна популација.

-Две дози вакцина примиле 2.055.471, поточно 38 отсто од вкупното население, изјави Брнабиќ.

Таа додаде дека, според искуството на Израел, за да се релаксираат мерките ќе треба да се вакцинираат вкупно 56 отсто од граѓаните.