Зоран Заев, кој денеска во Основниот суд сведочи во случајот на неговата тужба за клевета против потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски, пред судот призна дека не поседува записник дека го пријавил случајот „Рекет“ кај обвинителката Вилма Русковска, како што тврди.
Од страна на Николоски беше прашан дали поседува записник дека го пријавил случајот „Рекет“ кај Обвинителството. Заев рече дека претходно го споделил и терминот кога бил кај Рускоска и државниот обвинител Љубомир Јовески и оти тоа го направил после средбата со бизнисменот Орце Камчев.
Не поседувам записник ниту службена белешка, ако имав нема зошто да не го објавам. Не лажам, рече Заев.
Во врска со наводите на Николоски дека тој се наоѓа на чело на „рекет“ пирамидата тешка 20 милиони евра, судијката го праша како се чувствувал кога ја чул. На тоа Заев одогвоори:
– Кога ја слушнав таа изјава бев заедно со моите родители, сопругата, родителите и децата. Ова предизвика болка, тешкотија, мачнина кај моето семејство. Тоа не му го посакувам никој да го доживее. Тие ќе продолжат вака да се однесуваат ако не бидат законски спречени. Јас сум најмалку 50 пати напаѓан од Николоски и тоа што го говорел е стопроцентна невистина и тој тоа го знае, рече Заев.
Заев го тужи Николоски за изјавата дека тој се наоѓа на врвот на криминалната пирамида во случајот „Рекет“. Николоски се застапува самиот, без адвокат.