Градоначалникот на Скопје не само што планира да се кандидира на локалните избори за втор мандат, туку и очекува да победи. Откако, неколку дена информациите дека се спрема албанец за кандидат градоначалник ја брануваат јавноста, Петре Шилегов демантираше дека изненадувањето кое за утре го најави Али Ахмети не се однесува на заеднички кандидат на коалиционите партнери СДСМ и ДУИ, туку за сосема нешто друго.
„Веќе имам дадено изјава во однос на мојата кандидатура уште пред да се појават овие шпекулации и лажни вести. Утре ќе се расчистат сите шпекулации, ќе видите дека не станува збор за градоначалник на Град Скопје, туку за друга проблематика. Во изминатиов период од мојот прв мандат ги решаваме проблемите на овој град кои што не биле решавани 40 години. Таквата посветеност, внесувањето нови стандарди и квалитети е препознаена кај скопјани и тоа го покажуваат сите анализи. Не само што ќе се кандидирам туку и ќе го добијам вториот мандат од граѓаните“, рече Шилегов
Имер Селмани, Изет Меџити или некој трет како заеднички кандидат – низа прашања се појавија во јавноста откако Ахмети најави платформа која ќе предизвикала бурни дебати како идејата за прв премиер албанец. Дека не се работи за заеднички кандидат Албанец за градоначалник на Скопје, уверува и Зоран Заев.
Се работи за нешто кое што претставува модернизација на нашиот коалиционен партнер и логично е да оставам за деталите да зборуваат тие. Секако е во духот на тоа што го работиме како Влада, се работи за политичка платформа, перспективи иднина и сл. Се надевам дека ќе постигнат нови успеси заради тоа што е модернистички пристап, рече Заев.
Претходно и од ДУИ информираа дека не се работи за заеднички кандидат. Во јавноста пак проструи и информацијата дека е можно Ахмети да обелодени свое повлекување од политичката сцена.