Министерството за здравство информира дека во моментов на Клиниката за урологија во тек се двете трансплантации на бубрег од починат донор. Двајца пациенти на возраст од 30 и 23 години кои подолго време се на дијализа, ќе добијат бубрег од 44-годишната пациентка која вчера беше дијагностицирана со мозочна смрт. Рано утрово заврши трансплантацијата на срце кај пациент кој подолго време боледува од срцева слабост. Пациентот е во стабилна состојба и закрепнува по операцијата.

Најголема благодарност, Министерството за здравство упати за семејството за 44-годишната жена која ноќва спаси најмалку три животи.

– Благодарност до нејзиниот сопруг, нејзините деца и најблиското семејство. Тие покажаа што значи хуманост во најтешки моменти, нагласуваат од МЗ.

Оттаму упатуваат благодарност до тимовите за експлантација и трансплантација од Клиниката за урологија предводени од д-р Сашо Дохчев и д-р Сотир Ставридис, кои изминативе 20 часа ги работеа интервенциите во операционите сали, како и до медицинскиот персонал од Клиниката за нефрологија и Клиниката за трансфузиологија кои ги подготвија младите пациенти кои ги примија органите.

– Во исчекување сме на следната трансплантација на коски, по експлантацијата која во раните утрински часови ја заврши тимот за трансплантација од Клиниката за ортопедија, се посочува во соопштението.

Трансплантацијата на органи е тимска работа и во неа учествуваат пореку десет клиники и околу стотина лекари, медицински сестри и болничари во координација со Министерството за здравство и Националниот координатор за трансплантација, др Маја Мојсова Мијовска.

МЗ упатува голема благодарност до болничките координатори од КАРИЛ и Неврохирургија кои ги водат пациентите во мозочна смрт и разговараат со смејството за можноста за донирање на органите, во тие најчувствителни моменти, како и до тимовите во Рентген институот, од Институтот за трансфузиологија, од Клиниката за нефрологија и Клиниката за кардологија како и тимовите за трансплантација од хируршките клиники и тоа Кликината за кардиохирургија, Урологија и Ортопедија, како и од приватната болница Жан Митрев.

– Во период од само 24 часа од поставување на дијагнозата за мозочна смрт сите овие тимови направија експлантација и трансплантација на повеќе органи и покажаа како беспрекорно функционира здравствениот систем, наведуваат од МЗ.

Во изминатата една година во земајва се направени пет трансплантации од починат донор и притоа се трансплантирани четири срца и 10 бубрази. Направена е и прва експлантација и трансплантација на коски и коскени ткива.