Кремљ денеска изрази жалење што Европската унија го отфрлила француско-германскиот предлог за започнување дијалог со Русија, организирајќи самит со претседателот Владимир Путин.
– Претседателот Путин останува генерално за воспоставување работни односи меѓу Москва и Брисел. Знаеме дека голем број земји се спротивставија на овој дијалог и знаеме дека тоа се пред се „нови“ членки, балтичките земји, Полска … и дека истите тие земји неосновано зборуваат за заканите од Русија, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Една недела по состанокот во Женева меѓу Путин и американскиот претседател Џо Бајден, германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон изразија желба да организираат состанок со рускиот претседател за да разговараат за прашања важни за ЕУ.
Но, предлогот ги подели земјите-членки на Унијата и не е постигнат консензус.
Балтичките држави, Полска, Шведска и Холандија се спротивставија на обновување на дијалогот, оценувајќи дека Путин е одговорен за агресивните потези против европските земји.
Портпарол на Кремљ истакна дека тие земји се оддалечуваат од Русија, „правејќи се што можат за да имаат повеќе војници на НАТО на своја територија“.
Односите меѓу ЕУ и Русија се влошени по руската анексија на Крим и почетокот на конфликтот во Украина во 2014 година. Оттогаш не е одржан заеднички самит.