За жал, ќе мораме да одиме со одредени видови на еколошки такси, изјави претседателот Стево Пендаровски синоќа во централниот дневник на ТВ „Сител“, запрашан дали ќе го потпише законот за еколошка такса.
– За жал, ќе мораме да одиме со одредени видови на еколошки такси. Тоа е тренд во Европа. Заштитата на животната средина значи многу пари. Ние ќе имаме огромна помош од ЕУ во овој дел и пред да станеме членки, меѓутоа самите не можеме да го истераме тоа, рече Пендаровски, додавајќи дека не постои земја – членка на ЕУ која ја намалува еколошката такса.
Тој смета дека многу е подобро сега да се вложи во овој дел за да во иднина има помалку човечки жртви од загаденост на животната средина.
– Во 2019 година официјалните податоци беа дека само од загадување на воздухот околу 3.000 наши граѓани ги изгубија животите, потсети Пендаровски.
Владата го подготви Предлог-законот за воведување еколошка такса за нафтените деривати, а опозицијата најави блокада на законот во Собранието со образложение дека еколошката такса ќе значи нова давачка за граѓаните и поскапување на цените за транспорт и други производи.