Нов Зеланд ќе го продолжи локдаунот на национално ниво за уште четири дена во битката со Ковид-19, јави ДПА.
Земјата денеска соопшти за 35 нови случаи на Ковид-19 пренесени во заедницата, со што кластерот откриен во Окленд достигна вкупно 107 лица.
Нов Зеланд беше ставен во тежок карантин во рок од само неколку часа откако во вторникот беше откриен еден случај, а веднаш се затворија сите училишта и несуштински бизниси.
Премиерката Јасинда Ардерн изјави дека земјата има „ уште за изодување“ и официјалните претставници преземаат претпазлив пристап кон олеснување на ограничувањата.
-Ни требаат повеќе информации. Не сакаме да ризикуваме со Делта сојот. Ако светот не научи на нешто, тоа е дека треба да бидеме претпазливи со оваа варијанта, рече Ардерн.
Целата земја ќе остане во локдаун барем до сабота. Оукленд, најголемиот град во земјата и местото каде се наоѓаат повеќето случаи, ќе остане под карантин најмалку до 31 август.
-Се уште не веруваме дека го достигнавме врвот на оваа појава, рече Ардерн.
Тоа е прво заклучување на национално ниво во Нов Зеланд од март 2020 година, кога целата земја шест недели имаше воведено највисоко ниво на ограничувања, потседува ДПА.
Нов Зеланд, земјата со пет милиони жители, од почетокот на пандемијата досега има пријавено околу 2.700 случаи на Ковид-19 и 26 смртни случаи.