Страшо АНГЕЛОВСКИ

Се ближат избори, навистина “само“ локални, но, избори кои, во секој случај, ќе предизвикаат предвремени парламентарни избори догодина. Имено, доколку опозицијата победи релативно убедливо, власта ќе мора да ги распише изборите, бидејќи ќе се покаже дека ја нема довербата кај гласачите и, доколку власта победи на локалните, тогаш ќе сака да ги распише и предвремените парламентарни избори, додека опозицијата се занимава самата со себе, за да си обезбеди уште еден предвремен мандат.

И бидејќи веќе се разгорува битката меѓу левата и десната идеологија и нивните приврзаници, кои, за жал, многу малку знаат токму за идеологијата за која се подготвени да стават рака во оган, еве неколку појаснувања.

ЛЕВАТА ИДЕОЛОГИЈА ВО ПОЛИТИЧКАТА ТЕОРИЈА

Комунизмот, за чиј следбеник се претставува СДСМ, по дефиниција е политичка теорија и политичко движење чии приврзаници се залагаат за воспоставување на бескласна и бездржавна заедница на изобилство (што само по себе е милозвучно), но, при што сметаат дека единствен начин за создавање услови за премин  кон една таква заедница е воведувањето на еднопартиска диктатура со тоталитарни карактеристики, таканаречена “диктатура на пролетеријатот“. Иако втемелена на марксизмот и ленинизмот, подоцна се појавуваат повеќе теории, како што се сталинизмот, троцкизмот, титоизмот, маоизмот… а во најново време, овде, кај нас, заевизмот, кој не треба да се елаборира, бидејќи ја имаме несреќната можност да го живееме.

Според политичките енциклопедии, во рамките на левата политичка идеологија се појавува и терминот “левичарење“ (англиски leftism), или “левица“, во кое влегуваат оние сили кои изразуваат нетрпение во решавањето на сложените противречности и се залагаат за таква програма и динамика на политичката акција, кои се неостварливи. Заради тоа,левичарското движење е само привидно и на зборови револуционерно. Во својата суштина тоа по правило е авантуристичко. Терминот “левица“ често се употребува во пежоративна смисла, како нешто за што се претставува а не е, како псевдолевица.

ДЕСНАТА ИДЕОЛОГИЈА ВО ПОЛИТИЧКАТА ТЕОРИЈА

Десничар (англиски rightist) претставува одредена политичка и идеолошка припадност или еден цел идеолошко-морален став во кој до израз доаѓаат чувањето на традиционалните вредности, наклонетост кон хиерархија и отпор кон општествени и политички промени, новитети и експерименти. Се поистоветува со конзервативизам, традиционализам, реализам… Некои велат дека “политичката десница ги вклучува оние форми на либерализам што го потцртуваат слободниот пазар повеќе од еднаквоста на богатството“.

Во 19-от век десницата “класно“ се проширува. Еден дел од конзервативната буржоазија, заедно со средните слоеви економски и идејно зависни од крупната буржоазија, преоѓа на позициите на десницата. Остатоците од аристократијата, приврзениците на монархизмот и традиционализмот, заедно со највисоките слоеви на старата буржоазија, стануваат крајна десница.

ЛЕВИЦАТА И ДЕСНИЦАТА ДЕНЕС

Можеби досега напишаново ги измачува читателите, или поголем дел од нив веќе го знаат, но беше потребно заради компарација со денешната состојба во идеолошкото пространство.

Денес, голем дел од политичките теории паѓаат во вода. Идеолошкото профилирање и практичното делување во новите услови кои заради се’ позабрзаниот технолошки развој носат исклучително брзи промени и во општественото живеење, извршија идеолошка трансформација, кај десницата, а посебно кај левицата.

Десницата, како политичка идеологија, продолжува да се поистоветува со конзервативизмот, традиционализмот и реализмот, но ги губи остатоците од крупната буржоазија и аристократијата. Се’ повеќе станува идеологија и на најсиромашните слоеви во општеството, бидејќи денес, основна карактеристика на десницата е СУВЕРЕНИЗМОТ, а токму тие, најсиромашните словеви се најцврсто “закрепостени“ за државата и нацијата. Токму тие се последниот бедем против уништувачката глобалистичка катастрофа за човештвото.

Со тоа, десницата станува единствената идеолошка опција во одбрана на родовата припадност на децата, традиционалното семејство, нацијата и државата, а против обесправеноста, неправдата и галопирачкото осиромашување на човештвото.

Истовремено, левицата, заради својата анационалност, трансродова и ЛГБТ отвореност и идејата за “отворено општество“ што е синоним на марксовото “одумирање на државата“, станува најмоќното оружје во рацете  на оној грст екстремно богати во идејата за глобализација на планетава. Таквата левица, свесно или не, целосно се отуѓува од оние заради чии права пред речиси два века беше промовирана – сиромашните и обесправените. Создавајќи екстремно богати поединци во своите редови, станува колаборационист на екстремно богатите антицивилизациски глобалистички структури.

Во посиромашните држави, во кои, за жал, последниве четири години се наоѓа и Македонија, овие процеси се уште поизразени. Следбениците на марксизмот од СДСМ стануваат најбогатата структура во општеството, на сметка на сопствените сопартијци на кои во патетични пози со стиснати “скоевски“ тупаници се обидуваат да им ја продадат приказната за партија изникната од АСНОМ чии одлуки и завештанија ги изгазија во калта на предавството.

Единствено на што останаа доследни од учењето на Маркс е “воведувањето еднопартиска диктатура со тоталитарни карактеристики“, но не како “диктатура на пролетеријатот“ кој секојдневно го “произведуваат“, туку како диктатура на еден грст екстремно богати инсталирани извршители и сервилни слуги на светските моќници. Или, политичка теорија на заевизмот.

Што се однесува, пак, до левичарското движење и терминот “левица“, тоа и во Македонија останува на карактеристиките од политичките енциклопедии – “само привидно и на зборови револуционерно, а во својата суштина авантуристичко“. Па, “терминот левица често се употребува во пежоративна смисла како нешто за што се претставува а не е, како ПСЕВДОЛЕВИЦА“.

Така, создавајќи лажна претстава кај граѓаните, во Македонија левото станува десно а десното лево, за да биде изрежирана големата измама на најчесниот, најчистиот и најпатриотскиот дел од македонското гласачко ткиво – суверенистите.

Тогаш, откако левото ќе стане десно, црното ќе стане бело, а измамените, откако ќе ја сфатат сопствената заблуда, во иднината ќе зачекорат со изгубени илузии, распукнати како меур од сапуница, но и со грижа на совеста бидејќи биле орудие во рацете на бескрупулозните идеолошки измамници, во рацете на затскриените душмани на сопствената држава и народ.

Или, за крај, во една реченица – левата политичка идеологија денес е идеологија за светска глобализација со уништување на семејната, родовата и национална припадност на поединецот, а десната е идеологија на заштита на традиционалното семејство, нацијата и државата. Токму затоа измамниците се обидуваат левото да стане десно, за веќе утредента, црното да стане бело.

(авторот е претседател на МААК)