Вчера бев да се вакцинирам иако на 23 август правев тест и имам близу 1200 антитела, ама бидејќи сум лимитиран, не можам пристојно да се движам низ државата поради катастрофално глупавите мерки, и вчера бев да се вакцинирам со сопругата во салата Борис Трајковски, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во вечерашното гостување на телевизија Алфа.

Мицкоски укажа дека тој тоа не го право со камери, бидејќи за таква работа нема потреба од камери како што тоа го прават некои.

„Вчера ја добив вакцината и за еден час можев да седнам било каде, дополнително никој не знае ни дали документот е мој, нешто што е целосно неприменливо. Вработените не се вакцинирани, а гостите треба да се вакцинирани“, посочи Мицкоски.
Тој укажа дека ако власта и надлежните не знаат што да прават треба да видат што се прави во другите држави.

Истакна дека секојдневно во Македонија умираат по 35, 37 лица од Ковид, а до сега никој од власта ниту морална одговорност има понесено.

-Дневно ни умираат по 35, 37 луѓе од Ковид, значи дневно умираат, а слушавте ли некој да преземе одговорност? Јас ви гарантирам 37 пчели да изумрат ќе биде вест, а дневно ни умираат по 37, по 35 луѓе. Во јуни кога цел свет велеше „луѓе доаѓа нов бран“, Делта сој, ние прогласувавме по рекорден петти пат победа, се сеќавате, Филипче вели победуваме готово, крајот на август, септември, работата е завршена. Вие денеска погледнете што се случува, посочи тој.

Мицкоски смета дека ова е шокантно и дека одговорните не разбираат дека секојдневно луѓе губат животи, односно како што рече тој без разлика од која етничка или партиска припадност се, солзата исто боли.

-Шокантно е ова што се случува. Пазете на кое ниво е моралната одговорност кај луѓето, еден од нив да застанеше и да речеше, луѓе чувствувам морална одговорност заминувам од оваа работа, не ме бива. Значи еден да кажеше, па ќе речевме имало совесни луѓе, ама тоа се заробени луѓе на фамилијата кои што служат, а не разбираат дека луѓе животи губат и тука нема етничка припадност, тука нема партиска припадност, умираат и Македонци, и Албанци, Турци, Срби, Власи, и тие што се за ВМРО, и тие што се за СДСМ и тие што партија не ги интересира, солза исто боли, рече Мицкоски.