Во Грција се потврдени шест случаи на варијантата Му (B.1.621) на коронавирусот, за која Светската здравствена организација завчера соопшти дека го следи конкретниот нов сој, јави дописничката на МИА од Атина.

Од шесте случаи на варијантата Му, според официјалните податоци од Националната организација за јавно здравје на Грција, четири се увезени, а поконкретно два се откриени во областа Арголида и на атинскиот аеродром и по еден во центарот на Атина и областа Ахаија.

Мутацијата Му првпат беше откриена во Колумбија во јануари, а подоцна и во други земји од Латинска Америка и Европа, додека, пак, СЗО завчера прецизираше дека оваа варијанта има мутации што би можеле да укажат на ризик од отпорност на вакцината и нагласи дека се потребни дополнителни студии за да се испитаат карактеристиките на овој сој на коронавирусот.

Од новите потврдени мутации во Грција, доминантна е Делта со 899 нови случаи, односно 96,7 отсто од идентификуваните варијанти во земјата во измината седмица.

Во однос на новите случаи на Ковид-19, Националната организација за јавно здравје на Грција денеска соопшти 2.840 новозаразени, починаа 33 лица, а 362 пациенти се приклучени на апарати на одделите за интензивна нега во грчките болници