Инфектологот од Клиниката за инфективни болести, доктор Фадиљ Цана во емисијата 24 анализа на ТВ24, истакна дека тетовскиот ковид-центар бил жариште на заразата, откако се дозна дека роднини на пациенти престојувале во модуларната болница заедно со болните.
-Шокантно е да се дознае дека во тој ковид центар имало и роднини на пациенти. Тие внатре влегувале и излегувале кога сакале и тој ковид-центар не служел само за лекување, туку тоа било жариште за проширување на инфекцијата, рече д-р Цана, а притоа додаде дека сето тоа се одвивало со знаење на персоналот и на Министерството и поради тоа некој треба да сноси морална и правна одговорност.
По трагедијата која се случи во модуларната болница во Тетово, тој како лекар смета дека за овој настан треба да се сноси одговорност.
-Сметам дека кој било, не само министерот (Венко Филипче, з.н.), да беше во таа позиција и во која било држава, морално би требало да се сноси одговорност и да им се отвори пат на органите за истрага. Морална е обврската да се даде оставка, а пред тоа би требало прво што е до негова надлежност, сите одговорни во раководењето на тетовската болница да бидат разрешени, вели Цана.
Тој смета дека правно треба да се одговара и некој да сноси вина за трагедијата, ако тоа го покаже истрагата.