Почитувани гледачи, поради огромната завчерашна трагедија во Тетово, денес си дозволив пласирање на огромна количина на емоции и мои лични ставови насочени кон одговорни лица и политичари поврзани со овој немил настан, вели водителот Роберт Јанков по реакциите и поддршката што ја доби од јавноста за неговиот говор во утринската емисија.
„Тоа сигурно не беше својствено за целиот наш победнички тим на Канал 5 ТВ, нешто по што сме препознаени кај вас гледачите. Но ова денес докажа дека и јас сум човек од крв и месо, но и човек со душа за сите вас, па затоа малку претерав во изнесувањето на моите ставови и барања, нешто што можеби не требаше да се случи. Оваа трагедија треба да не научи сите нас во нашата Македонија дека за жал – животот е „евтин“, и затоа мораме и ние обичните граѓани но и политичарите да внимаваме вакви трагедии да не ни се случуваат повеќе. Се гледаме повторно на единствената моја и ваша, Канал 5 ТВ“, посочи Јанков.
Изјавата која ја даде Роберт е нешто кое го мислат најголем дел од граѓаните. Зошто почувствувал потреба да се извини – не знаеме.
-На никој политичар нема да му падне круната од глава ако даде оставка и ако замине. Значи секој е менлив, јас сум менлив, политичарите да не правам муабет. Ова како да живееме. Не можам да разберам ова стварно каква трагедија, ние ќе се објаснуваме навистина ли треба да го поставиме прашањето дали треба да има одговорност. 14 луѓе загинаа, изгореа живи. Да утврдиме па ќе видиме. Не ми се верува сериозно, ова е. На 30 години да се спакува човек да си замине и да не се сврти, кажа Роберт во емисијата.