Иднината на ЕУ и на Западен Балкан се неразделно поврзани, поради што предизвиците, како што е прашањето на справување со пандемијата, мора да бидат надминати преку заеднички и унифициран пристап, истакна министерот за надворешни работи Бујар Османи на Варшавскиот безбедносен форум, каде на панелот насловен „ЕУ – кредибилен партнер за Западен Балкан? Научени лекции од глобалната пандемија“.
Како што соопшти МНР, Османи во своето обраќање зборуваше за солидарноста и соработката во контекст на пандемијата со КОВИД-19, како и светот потоа, за националните и глобалните интереси во сферата на здравствената заштита, излезните стратегии, безбедносните предизвици, но и за геополитичките влијанија што ги предизвика пандемијата.
-Пандемијата покажа дека концептот на безбедност мора да се редефинира и прошири. Тоа повлекува промени во нашите национални стратегии, но и промени во планирањето од страна на НАТО, поддржано и на последните министерски состаноци. Пандемијата воедно го потсети светот за важноста од вложувањето во јавното здравство и научната соработка и ни докажа колку сме поврзани и колку од нас бара заеднички пристап, рече Османи.
Министерот зборуваше за досегашната поддршка и помош во справувањето со предизвиците на пандемијата, како во рамките на институциите на ЕУ, така и за билатерална поддршка која во континуитет ја добива нашата земја. Во тој контекст напомена дека на самитот ЕУ и Западен Балкан, една од темите ќе биде за Економскиот и инвестицискиот план за регионот, за создавање услови за инвестиции и развојни проекти, план кој треба да даде ново, силно и позитивно влијание врз економското закрепнување на регионот, да поддржи зелена и дигитална транзиција, се наведува во соопштението од МНР.
Варшавскиот безбедносен форум (WSF) е водечка европска платформа посветена на трансатлантската соработка, фокусирана на изнаоѓање одговори на заедничките безбедносни предизвици.
Конференцијата оваа година обедини над 1500 учесници од 40 земји, меѓу кои шефови на држави, министри, водечки личности на меѓународни и невладини организации, високи претставници од бизнисот, медиумите, академијата и граѓанското општество.
Овој форум е во организација на Фондацијата Касимир Пуласки, во стратешко партнерство со НАТО, Бирото за национална безбедност на Претседателот на Република Полска, а под покровителство на министерството за надворешни работи на Полска. Настанот е ко-организиран со Германскиот Маршалов фонд на Соединетите држави.