Пратениците во словенечкиот парламент вечерва изгласаа нова, малцинска Влада на лев центар на премиерот Марјан Шарец.
Од вкупно 90 пратеници, за новата Влада гласаа 45 пратеници, 34 беа против, а 11 беа или воздржани или отсутни.
Непосредно пред гласањето, Шарец од парламентарната говорница истакна дека Владата ќе биде фокусирана на унапредување на здравствениот систем, намалување на бирократските трошоци и обезбедување стабилен економски амбиент во Словенија.
Повеќе од три месеци по парламентарните избори во Словенија и неуспехот на Словенечката демократска партија на Јанез Јанша да формира влада, формиран е нов кабинет, составен од членови од пет партии од центарот и левиот центар Шарац беше именуван за мандатар минатиот месец.
Од самостојноста, ова е 13 -та словенечка Влада, која ќе биде составена од 16 министри. Досегашниот премиер Миро Церар ќе биде шеф на дипломатијата, а досегашниот министер за надворешни работи Карл Ерјавец ќе биде министер за одбрана.