Утре прегласување за градоначалник и за советници ќе има на избирачкото место 0543 во Дебар, како и на избирачко место 2957/1 во Шуто Оризари за членови на совет откако Управниот суд го поништи гласањето на овие избирачки места за гласањето од првиот круг на изборите што се одржаа на 17 октомври.
Утре нема да има гласање за градоначалник во Маврово-Ростуше и Центар Жупа бидејќи не беше исполнет законскиот цензус на гласање во првиот круг од изборите да излезат најмалку една третина од запишаните гласачи во Избирачкиот список. За овие две општини ДИК ќе ја извести Владата, а потоа во Маврово-Ростуше и Центар Жупа ќе се организира повторување на гласањето за градоначалник согласно Законот за локална самоуправа. Членови на советот се избрани бидејќи за нив не е потребен цензус.
Гласањето почнува денеска кога се изјаснуваат болните и немоќните, лицата со Ковид-19 и во самоизолација, и според податоците на ДИК и 1409 затвореници, 266 лица во 13 старски домови и шест внатрешно раселени лица.
Првпат на локалните избори се применуваат терминали за биометриска идентификација на гласачите, а ќе се применуваат и општите мерки за заштита од Ковид-19.
Во вториот круг од Локалните избори на 31 октомври 2021 година ќе се гласа во следните општини:
Арачиново, Битола, Боговиње, Брвеница, Василево, Вевчани, Врапчиште, Гевгелија, Гостивар, Дебарца, Демир Капија, Демир Хисар, Долнени, Желино, Зелениково, Карпош, Кичево, Конче, Кочани, Кратово, Куманово, Лозово, Македонска Каменица, Македонски Брод, Ново Село, Охрид, Пехчево, Пробиштип, Радовиш, Ранковце, Ресен, Росоман, Старо Нагоричане, Струга, Студеничани, Теарце, Тетово, Центар, Чаир, Чашка, Чешиново-Облешево, Чучер Сандево, Шуто Оризари, Град Скопје.