Губитникот Заев и во поразот е нечесен и треба барем еднаш да си држи до сопствениот збор и ветување, наместо преку платените клиентелисти да создава атмосфера за продолжување на мандатот, се вели во денешната реакција од ВМРО-ДПМНЕ, во врска со тактизирањето со оставката на премиерската функција на Зоран Заев.

– Зоран Заев овие локални избори ги загуби убедливо. СДСМ и губитникот Заев не победи во ниту една голема општина, во исто време кога тврдеа дека се најдобри. Во градови како Скопје, Охрид, Битола, Прилеп, Штип, Велес , Гевгелија и останатите општини СДСМ и губитникот Заев доживеаја дебакл и затоа треба да си одат. Народот им испрати порака дека е незадоволен, разочаран и ја порази политиката на поделби и конфликти, се вели во соопштението.

Заевизмот како систем, се додава натаму во соопштението, мора да падне.

– На овие избори имаше и брутални изборни нерегуларности, притисоци и закани од луѓето од власта, како и злоупотреба на државни ресурси, пред се полицијата за партиски цели. Мора да има одговорност за таквите нарушувања и злоупотреби. Губитникот Заев и во поразот е нечесен и треба барем еднаш да си држи до сопствениот збор и ветување, наместо преку платените клиентелисти да создава атмосфера за продолжување на мандатот. Оваа влада нема кредибилитет за водење на државата, пишува во реакцијата од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Како што е познато, Заев веднаш по катастрофалниот пораз на локалните избори објави дека поднесува оставка на премиерската функција, како и на лидерската во неговата партрија СДСМ.