Требаше да киднапираат пратеник само за да опстои владата, Заев е најлошото за Македонија, се истакнува во денешната реакција од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, по вчерашните настани во Собранието околу гласањето доверба на Владата на премиерот Зоран Заев, кој си поднесе оставка и се попишмани за да продолжи да владее.
-Власта не покажа дека има мнозинство, владата на Заев е единствена која немаше пратеници да ја бранат. Владата на губитникот Заев е делегитимирана. Губитникот Заев има само 59 пратеника плус еден киднапиран пратебик. Вчера мораше да киднапира пратеник, за да може да продолжи да краде. Цел ден се држеше во заложништво пратеник, кој на крај не се појави во собранието, туку беше пуштен преку видео после сите стравувања за неговата безбедност, се вели во реакцијата.
Вчера, се додава во соопштението, Заев ја уби демократијата во државата.
-Со недемократски методи на владеење ќе тонеме на листите на релевантните меѓународни институции како Транспаренси или на листите на списанијата како Економист. Земјата не смее да биде заложник на интересите на една тесна клика на луѓе, се вели во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ.
Опозицијата по вчерашните игри на власта во Собранието и исчезнувањето на пратеникот Кастриот Реџепи, кој беше 61-иот глас за пад на Владата, најави дека почнува битка за предвремени парламентари избори.