Неспорно е новото стабилно мнозинство во Парламентот и тоа ќе биде објавено наредната недела, изјави денеска шефот на дипломатијата Бујар Османи на заедничката прес-конференција во Скопје со австрискиот министер за европски и меѓународни работи Михаел Линхарт.
Според него, најважно е што Македонија не дозволи да биде дел од проблемот, бидејќи не успеа обидот од пред неколку денови земјава да влезе во политичка нестабилност и да стане дел од проблемот, а не дел од решението, односно и таа да има дел од вината за не изнаоѓање на решение и за не започнување на преговори
– Новото стабилно мнозинство е апсолутно неспорно и тоа ќе се случи наредните недели. Патот до тоа ново мнозинство е алтернативи, има неколку опции до тоа ново мнозинство и во моментот се случуваат тие разговори и преговори за постигнување на тоа мнозинство. Ќе повторам, многу е важно дека рационалните политички сили, па и пратеници одлучија во овој момент државата да не ја претворат во дел од проблемот, туку во дел од решението на нашата европска перспектива. Очекуваме да завршат тие разговори и верувам дека наредната недела веќе ќе имаме стабилно мнозинство кое што ќе почне да се занимава со предизвиците и можностите што ги има Владата, рече Османи на новинарско прашање кога ќе биде официјализирано новото мнозинство.
Тој нагласи дека бројката од повеќе од 60 пратеници е и вистинска и реална, а како ќе се реализира мнозинство, за тоа се разговара и договара со сите политички партии.
– Наредните денови тој мозаик на парламентарното мнозинство, ќе се реализира и ќе се надминат сите проблеми и предизвици, нагласи Османи, додавајќи дека прашањата за министерските позиции се секундарни и ќе следат по дефинирање на мнозинството.
Во однос на начинот како до мнозинството, тој повтори дека „има некои опции“.
– Подобро да ги завршиме овие преговори, кои се присутни овие денови со лидерите на коалицијата и со премиерот Заев и Ахмети и со другите можни партнери. Би било добро тие што ќе бидат дел од новата влада или новото мнозинство да бидат тие што ќе го кажат мотивот зошто сакаат да бидат дел од ова мнозинство што гарантира стабилност и европска иднина за државата, истакна Османи.
Запрашан кој се ќе биде дел од новата Владата, Османи истакна дека останува да го кажат партиите кои ќе бидат дел од мнозинството.
– Мислам дека е подобро политичките партии кои ќе бидат дел од владата да ги кажат нивните ставови, мислења и да ги земат нивните одлуки, не ние да бидеме тие што ќе даваме такви декларации. Мислам дека не е добро политички гледано. Јас мислам дека новото мнозинство ќе биде без никаква дилема, но има неколку методи, начини како да се стигне до тоа. Другото не е важно, вели шефот на дипломатијата, кој е и висок функционер во ДУИ.