На сите даночни работници им го честитам „Денот на даночните работници – Св. Матеј“, се вели во честитката од премиерот во оставка, Зоран Заев.
Во продолжение целата содржина од неговата честитка:
Трудот и посветеноста на даночните работници е од исклучителна важност за исполнување на обврските на даночните обврзници како суштинска одговорност кон државата.
На тој начин се обезбедува нејзиното нормално функционирање, а јавните приходи отвораат можности да им се вратат на граѓаните преку квалитетни јавни услуги.
За да имаме квалитетно здравство, современо образование, за да се градат нови болници и амбуланти, нови училишта и градинки, нови патишта и инфраструктура, за да има доволно пари за пензии и плати во јавната администрација, за социјална помош и сите облици на финансиска државна поддршка, за да ни оди државата напред – плаќањето на даноците мора да биде императив како чин на заедништво, човечност и колективна зрелост.
Оваа година заклучно со октомври, имаме одлични резултати и зголемување на даночните приходи за 18,59% во однос на истиот период минатата година.
Овие резултати се и успех на даночните работници и на Управата за јавни приходи и затоа во мое име, во име на Владата и на сите наши граѓани, им оддаваме признание за нивната одлична работа.
Управата за јавни приходи е една од најсилните алки на финансискиот систем на РС Македонија и покажа како вистински се спроведуваат реформи и како кога се работи одговорно, се нижат резултати кои се од посебен интерес на граѓаните на нашата земја.
Со честитките по повод Денот на даночните работници, да си поставиме и обврски со секоја наредна година да градиме подобар даночен систем за подобра економија и за подобар живот на граѓаните на РС Македонија!