Годишно во просек во земјава се дијагностицираат 45 случаи на ХИВ. Вкупниот проценет број лица со ХИВ би можел да се движи во опсег од 437 до 575 лица, додека бројот на тие кои не биле свесни за својот ХИВ статус би можел да изнесува меѓу 105 до 243 лица. Од проценети 500 лица со ХИВ на крајот на 2020 година биле дијагностицирани 332 лица односно 66 проценти. Околу 330 пациенти моментално примаат терапија на Клиниката за инфективни болести.
Ова денеска на прес-конференција по повод 1 Декември, Светски ден на СИДА, го истакна извршниот директор на Здружението за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ – „Заедно посилни“, Андреј Сених, укажувајќи на резултатите од анализата што ја спровеле во соработка со експерти од земјава и од надвор, според методологија на Европскиот центар за контрола на болести (ECDC). Од Здружението апелираат секој сексуално активен човек одвреме-навреме да направи ХИВ-тест.
– Она што како Здружение не загрижува е дека за жал во изминатите пет години од вкупно 225 регистрирани нови инфекции речиси половина или 48 проценти биле доцна дијагностицирани, а една петтина биле дијаностицирани во многу напреден стадиум на ХИВ инфекцијата. До крајот на 2020 година вкупно 112 лица се регистрирани како починати. Во овие доцна откриени случаи во последниве години регистрираме нешто зголемен број на смртни случаи. Обично има од еден до два или три случаи на смрт во годината. Минатата година имаше повеќе, а тоа се должи на доцна откриена ХИВ инфекција. Кога зборувам за доцна инфекција со ХИВ тоа не значи дека нема спас, рече Сених.
Дури 90 проценти од лицата кои се дијагностицирани во 2020 година, посочи тој, примаат анти ретровирусна терапија, додека од тие кои примаат терапија дури 94 проценти го имаат целосно потиснато вирусот во крвта, со што се прекинува можноста за натамошен пренос на инфекцијата по сексуален пат.
Појасни дека според изготвената медодологијата на моделирање ја процениле инциденцата во последните години односно целата крива во текот на целата инфекција од почетокот на 80-тите години до 2020 година – пикот бил некаде во 2015 и 2016 година и бројот проценет на нови инфекциии кои настануваа годишно според оваа анализа изнесувал 51 во 2015 година и се намалил на 47 во 2020 година. Според оваа методологија, резултатот бил дека 34 проценти од моментално инфицираните лица со ХИВ на крајот на 2020 година не биле свесни за својот ХИВ статус, бидејќи немале направено ХИВ тест. Од 37,7 милиони лица кои се проценува дека живееле со ХИВ на крајот на 2020 година 84 проценти веќе биле свесни за својот статус.
Додаде дека важно е дека до 2025 година сите земји во рамки на Генералното собрание на ОН ги прифатиле новите цели кои значат 95 – 95 – 95 проценти, односно 95 проценти од луѓето кои се носители на ХИВ вирусот прво треба да се свесни за тоа, исто толкав процент – 95 проценти од луѓето кои се носители на вирусот треба да примаат терапија и исто толкав процент од тие кои примаат терапија треба да има недектабилно ниво на вирусот во крвта.
Министерот за здравство Венко Филипче на прес-конференцијата укажа на чекорите кои ги презеле, а тоа е да се зголеми буџетот на програмата за заштита на населението од ХИВ инфекција за следната 2022 година од 90 милиони денари се зголемува на 130 милиони денари.
– За првпат активноста на граѓанските организации се препознава и се става во законска рамка, а тоа е во измената на Законот за здравствена заштита што веќе ја помина владината процедура во текот на вчерашната седница со уште некои модификации, не во овој сегмент, заради тоа што правиме повеќе измени ќе биде пратен во Собранието да ги помине сите тие процедури и верувам дека ќе биде усвоен и верувам дека ќе биде уште еден придонес кон зголемување на квалитетот на соработката помеѓу Министерството и граѓанските организации. Очигледно е дека има уште многу што да се работи, рече Филипче.
Специфична е секогаш тематиката, посочи министерот, кога станува збор за нешто за што во општеството се уште има стигма и треба да се работи на повеќе нивоа, но мислам дека со сите овие чекори одиме натаму, односно ја зајакнуваме соработката и имаме активности кои ќе бидат нови и ќе бидат предвид и следната година, ќе ја модифицираме врз основа на следниот буџет и самата програма со цел да се воведат и активности и се зголеми целокупниот квалитет.
– Во 2018 година Владата го презема финансирањето на превентивната ХИВ програма од Глобалниот фонд. Во тој момент нашата земја е оценета како земја со прилично стабилна епидемија во однос на ХИВ и во таа смисла започнува системот на финансирање на граѓанските организации кои преземаат еден значаен дел од сите овие активности коишто означуваат превенција, истакна Филипче.
Тој ја потенцираше успешната соработка која ја имаат со граѓанските организации, познати по својата експертиза, по својот исклучително добар квалитет на релација однос со критичните категории на граѓани кога станува збор за пренос на ХИВ вирусот.
– Оттука можам да заклучам дека ова е навистина една успешна соработка во која државните институции ги користат и знаењето и експертизата и контактите на граѓанските организации и на крајот имаме еден успешен модел. Имаме уште многу за работа. Правилото 90 – 90 – 90 сега е 95 – 95 – 95 што значи дека 95 проценти од луѓето кои се носители на ХИВ вирусот прво треба да се свесни за тоа. Втората група толкав процент 95 кои се носители на вирусот треба да примаат терапија и исто толкав процент од тие кои примаат терапија треба да има недектабилно ниво на вирусот во крвта. Прилично се добри во овие втори две категории, меѓутоа очигледно е дека треба уште да работиме во делот на детектирање на ХИВ позитивни лица заради тоа што тука сме некаде 30-ина проценти помалку од тоа колку треба да биде, потенцира Филипче.
Инфективната клиника на која се дијагностицираат и лекуваат овие лица, посочи министерот, во изминатите години воведе уште еден новитет што верувам дека ќе стане тренд во смисла на тоа да ги опфати сите дијагностицирани пациенти, а тоа е предпрограмата што сега засега е пилот на проект и тоа е нешто што е тренд и се прави во сите развиени земји во светот.
Тој рече дека на Инфективната клиника не се лекуваат само пациенти со КОВИД-19, туку една од патологиите е и ХИВ.
– И затоа кажувам како специфичен пример е преоптеретена со пациенти кои не се вакцинирани. Значи мора граѓаните да знаат дека не е само Ковид-19, дека мора да се вакцинираат, дека мора да се зголеми стапката на вакцинација, да се постигне колективниот имунитет зошто луѓето заболуваат и од други болести за што експертите едноставно не можат да посветат внимание на се. Ниту имаат капацитет, ниту имаат болнички капацитет итн. Така што, ова е многу специфична тема и ја користам можноста да испратам и низ оваа призма гледано важноста за вакцинација. Остануваме во добра комуникација заради тоа што само работејќи заедно со граѓанските организации можеме да постигнеме повеќе посебно во овие сегменти во кои гледаме и свесни сме дека ни е потребен напредок, додаде Филипче.
Одговарајќи на новинарско прашање, Сених рече дека најголемиот дел од лицата со ХИВ се вакцинираат и реткост е да се сретнат антиваксерски ставови кај лица со ХИВ.
– Во однос на КОВИД -19 за среќа не можеме да кажеме дека лицата со ХИВ имаа поголеми компликации, нешто невообичаено различно од тоа што беше во општата популација. Тоа е добро. Но, глобалните статистики се разбира потврдуваат дека лицата со ХИВ се повеќе погодени и се изложени на поголем ризик од тешко заболување од Ковид-19, истакна Сених.
Додаде дека во Кинотеката вечер во 19 часот ќе биде отворен мурал посветен на Фреди Меркјури, во 19:30 ќе има проекција на филм посветен на пејачот, а во 21 часот е добротворниот настан на кој собираат средства за помош на лица со ХИВ кои живеат во неповолна социјална положба.
Извршната директорка на Здружението ХОПС, претставник на Платформата на организации што даваат услуги за превенција на ХИВ кај клучните засегнати популации, Хајди Штерјова – Симоновиќ апелираше пратениците да ги усвојат измените во Законот за здравствена заштита со што ќе се институционализираат програмите кои работат на превенција од ХИВ и додаде дека многу е важно во образовниот процес да се воведе тема за сексуално и репродуктивно здравје кои ќе ги едуцираат младите во однос на превенцијата од ХИВ инфекција.