Конкретна мерливост на успесите на политиките, како и фокус на луѓето, нивните практични потреби и проблеми се дел од Концептот 28, програма со која еден од кандидатите за нов лидер на СДСМ, Јован Деспотовски настапува на внатрепартиските избори, кои ќе се одржат в недела, на 12 декември.
-Концепт 28 е основа за сериозна промена на начинот на практикување на политиката. Фокусот на секоја политика, на секоја влада и политичка организација стануваат луѓето, нивните практични потреби, проблеми. Доста зборуваме за ресори, за функции, за договарања, за политики што не се базираат на реални и мерливи цели. Во Концепт 28 поставуваме прецизни и мерливи резултати по кои ќе се мери учинокот на претседателот на СДСМ, нагласува Деспотовски во интервјуто за МИА.
Актуелниот директор на Дирекцијата на ТИРЗ и поранешениот прв човек на Фондот за иновации и технолошки развој, заедно со заменик-министер за финансии Димитар Ковачевски и поранешната министерка за труд и социјална политика и поранешна потпретседателка на Собранието, Фросина Ременски в недела ќе ги одмерат силите на вторите непосредни избори во владејачката партија, по оставката на Зоран Заев.
-СДСМ покажа дека има и знаење и капацитет, но и храброст да носи тешки предизвици, вели Деспотовски за МИА, додавајќи дека земјата оди напред, денес С. Македонија е членка на НАТО и пред почеток на преговори за членство во ЕУ. Нагласува дека СДСМ е политичка организација што покажала дека знае, има капацитет да го зачува македонскиот национален индентитет и изразува длабоко уверување дека тоа ќе го покаже и во разговорите со Бугарија.
За концетрацијата на моќта на двете функции лидер на владејачката СДСМ и премиер на Македонија во една личност вели дека тој лично не бега од предизвици, но додава дека не смета оти двете позиции мора да се врзуваат со една личност.
-Особено не, ако знаеме дека С. Македонија има многу квалитетни луѓе. Докажани во својата област. Многу луѓе кои воопшто и не се занимаваат со политиката, а дел не се воопшто ниту во земјата, вели Деспотовски.
Додава дека доколку ја добие довербата да ја води СДСМ, веднаш ќе организира широка дискусија за карактерот, особините, квалитетите на идниот премиер.
Во продолжение следува целото интервју со еден од кандидатите за иден претседател на СДСМ, Јован Деспотовски.
Господине Деспотовски се кандидиравте на внатрепартиските избори за претседател на СДСМ. Ова ќе бидат втори избори во партијата по измените со кои лидерот се избира на внатрепартиски избори. Претендирате на лидерското место во СДСМ со програма „Концепт 28“ во чиј фокус, како што најавивте, се луѓето. Што поконкретно содржи и што е Концепт 28?
Концепт 28 е основа за сериозна промена на начинот на практикување на политиката. Фокусот на секоја политика, на секоја влада и политичка организација стануваат луѓето, нивните практични потреби, проблеми. Доста зборуваме за ресори, за функции, за договарања, за политики што не се базираат на реални и мерливи цели. Во Концепт 28 поставуваме прецизни и мерливи резултати по кои ќе се мери учинокот на претседателот на СДСМ. Ист пристап – дефинирање на јасни задачи и цели што треба да се постигнат се воведуваат за сите носители на јавни функции.
Довербата продолжуваме да ја градиме со конкретни резултати. Успехот во политиката, и на највисоките позиции, ќе се мери преку процент на пораст на платите во однос на инфлацијата, преку процент на пораст на вложувањата во здравството и образованието, преку процент на природен прираст на населението.
Во спроведувањето на политиките и работата излегуваме „надвор од кутијата“. Ова подразбира дека нема повеќе да се врзуваме за воспоставени практики на работење во СДСМ, но и институциите, бидејќи „така е најлесно“ или „така најдобро знаеме“. Едноставно, ќе се менуваме и развиваме еднакво динамично како и светот околу нас. Зборовите ги заменуваме со учинок и спроведуваме политики што носат најдобар ефект за граѓаните. Ниту еден човек не смее и нема да е изоставен (No one left behind)!
Што е она што вие сметате дека партијата изминатиот период го стори, а е за пофалба, а што вие би промениле во партиското функционирање, во насоката во која се движи партијата? Локалните избори беа еден своевиден аларм за владејачката партија?
СДСМ покажа дека има и знаење и капацитет, но и храброст да носи тешки предизвици. Земјата оди напред. Денес, С. Македонија е членка на НАТО и пред почеток на преговори за членство во ЕУ. Покажува дека правдата можеби е бавна, но не и недостижна – имаме судски процеси против луѓе од власта и опозицијата, и тоа луѓе кои биле на сериозни јавни функции. Зголемена е транспарентноста и отчетноста на државните институции. Ова се добри основи за тоа на каде треба да се движиме и во иднина и на општествено, но и на партиско ниво.
Но, тоа не значи дека запираме тука. Некои работи треба и мора сега да ги движиме многу побрзо и поефикасно.
Граѓаните на последните локални избори испратија јасна порака дека не се задоволни. Од сите политички организации, без исклучок. Фактот дека над 150.000 луѓе останаа дома, а редовно гласаат е загрижувачки за сите сериозни политички партии.
Со Концепт 28 воведуваме поголема одговорност на носителите на јавни функции. Воведуваме систем во кој кандидатите за градоначалник и пратеник ќе се бидат од членовите, а не од раководството. Така, носителите на јавни функции ќе бидат свртени кон граѓаните, а не кон лидерот. Јавните функции носат голема одговорност и оној што ќе биде избран мора да биде подготвен да се носи со истата. Нема повеќе простор за импровизации, нема „криење“ од јавноста, пријателите, соседите. Комуницираме за сите отворени прашања.
Промени најавуваат и Вашите противкандидати. Што повеќе ќе понудите од нив?
Не нудиме повеќе, туку поинаку, подобро, поефикасно. Оваа земја загуби и премногу време во изминатите 30 години и го менуваме. Затоа и поставуваме мерливи и конкретни резултати, на кои ќе се мери мојата работа како претседател на СДСМ.
Процент на намалување на бројот на наши сограѓани што живеат под прагот на сиромаштијата, процент на зголемување на број на вработени лица и како удел во вкупно активно население во земјата, процент на раст на платите, посебно, но и во однос на процент на инфлацијата, процент на раст на јавните вложувања во образование и здравство, како дел од приоритетните области, вкупен и процент на пораст на бројот на лица што предходно заминале во странство и се вратиле назад во однос на вкупно население, процент на пораст на природен прираст на население, процент на пораст на индекс на квалитет на живеење.
Го вложувам сиот мој капацитет, сè што знам и умеам за да ја постигнеме целта – достоинствен, убав живот на сите. И ниту еден човек нема да биде изоставен. Тоа е мојот концепт за победа, но не моја лична, туку победа на луѓето, на секој од нас.
Во животот, во политиката, деловниот свет, има луѓе што зборуваат и луѓе што дејствуваат. Јас сум од оние што сакаат промени и мерливи резултати од преземените политики и тоа ме прави различен. Често се шегуваат со мене дека „сум навлечен на бројки“, но јас верувам дека само со конкретни анализи и бројки може да знаеме каде сме, од каде почнуваме и кон што се стремиме, а на крајот и да измериме дали сме го постигнале она што сме го зацртале и ветиле. Само така на граѓаните ќе им покажеме со факти што сме направиле.
Како актуелен директор на Дирекцијата на ТИРЗ, а претходно прв човек на Фондот за иновации и технолошки развој, фокусот го ставате на економскиот развој. Но, доволни ли се само мерки за подобра економска перпектива, кога се соочуваме и со политички проблеми кои ја блокираат или ја влечат земјата назад?
Нема економија без стабилност. Членството во НАТО е сериозен, огромен капитал што оваа Влада предводена од СДСМ и го донесе на земјата, на сите граѓани.
Членството во ЕУ е следниот чекор и верувам дека е итекако достижен во скоро време. И затоа велам дека континуитетот во овие политики, во пристапот на СДСМ мора да се зачува. Концепт 28 е концепт за зацрстување на СДСМ, на прогресивната идеја и сила во државата и на следните парламентарни избори во 2024 година.
Ќе останат ли истите стратешки приоритети на партијата и на Владата, дали вие нешто би додале или одземале и каков е вашиот став за европската агенда на Северна Македонија, што доколку не добиеме датум за преговори овој месец?
СДСМ е политичка организација што покажа дека знае, има капацитет да го зачува македонскиот национален индентитет. Длабоко верувам дека тоа ќе го покажеме и во разговорите со Бугарија. Посветеноста на целта – почеток на преговори со ЕУ е клучна. Верувам, како и секој друг искрен човек во оваа држава, дека оваа цел ни е на дофат.
Кусо е времето за внатрепартиската кампања, изборите се в недела, сигурно досега имате увид колкава е поддршката за вас. Очекувате поддршка или опструкции од сопартијците?
Поддршката за претседател на СДСМ доаѓа од многу страни. Од членови и симпатизери на СДСМ. Од пријатели, познаници, но и луѓе што не ги познавам, а деновиве ме застануваат на улица, ми пишуваат. Поддршката за Концепт 28 е огромна и ја гледам како чест, но и како огромна обврска. Огромен капитал, и тоа не личен, туку за СДСМ и за државата. Покажавме дека во нашето општество има сериозен капацитет на луѓе, на размислувања, на критична маса што препознава вредност. Имаме бран на енергија што можеби не сме ја почувствувале одамна.
Искрено верувам, знам дека ќе имаме чесен процес до крај. Сакам истотака да верувам дека почнуваме од 0:0, дека имаме исти правила и чесни судии.
Роковите се исклучително куси, а нашата цел е Концепт 28 да стаса до што е можно повеќе луѓе. Затоа и тука излеговме „надвор од кутијата“ и ги користиме сите современи алатки за комуникација за да успееме во тоа. Истовремено да „стасаме“ и на исток, и на запад, и на север и на југ, и во Битола, и во Струмица и во Охрид, и во Куманово и во Струмица и во Кривогаштани и Љубојно, и во Крушево, Штип, Тетово, Кичево. Да бидеме и во мојата матична организација во Карпош. Каде сум израснат и каде ги почнав првите чекори во партиската организација.
Ако станете нов лидер на СДСМ, ќе бидете ли и нов премиер, дали концентрирањето на двете функции во една личност е корисно за земјава, која изминатиот период се соочува во серија предизвици?
Не бегам од предизвици. Тоа го покажав и со кандидатурата за претседател на СДСМ. И не мислам дека двете позиции мора да се врзуваат со една личност. Особено не, ако знаеме дека Северна Македонија има многу квалитетни луѓе. Докажани во својата област. Многу луѓе кои воопшто и не се занимаваат со политиката, а дел не се воопшто ниту во земјата.
Со Концепт 28 воведуваме целосно нов пристап кон изборот на носители на функции. Нема да почнеме од „кој“, туку од „каков“ човек/луѓе ни требаат. И, ова нема да „важи за сите освен за мене“ туку „ќе почне од мене“. Затоа, овој модел ќе го примениме и за избор на кандидат за нов премиер. Доколку добијам доверба да ја водам СДСМ, веднаш ќе организираме широка дискусија за карактерот, особините, квалитетите на идниот премиер. Веќе повикав сите членови, но и наши сограѓани достават свои предлози за идните членови на мојот тим во СДСМ. За 24 часа добивме стотици пораки со предлози и размислувања. Сите внимателно ги разгледуваме.
Ана Цветковска за МИА