Носењето маски во училиштата од задолжително да се сведе на препорака и родителите да имаат право на избор, е барањето на повеќе од 900 родители од иницијативата „Стоп за задолжителното носење на маски во училиштата“, што го испратија до институциите во Република Македонија.

– Додека вакцинираните и прележаните се гласни за олеснување на мерките, децата на училиште молчат, а ги дисциплинираат како да се роботи. Дишат низ маски по седум часа, а освен тоа им земаат брисеви по случаен избор, им вперуваат топломер како пиштол во глава секој ден, седат на провев и не можат веќе да издржат, реагираат родителите.

Аргументот дека долготрајното носење маски е штетно по здравјето на учениците, тие го образложуваат во барањето испратено до Комисијата за заразни болести и до Министерството за здравство.

– Континуираното носење маски е исклучително тешко по здравјето на нашите деца, особено што децата се приморани да носат и маски за време на часовите по физичко воспитување, спротивно на сите препораки од СЗО и експерти. Истото не е предвидено ниту во протоколот за работа во основните и средните училишта,но сепак истото се уште се практикува, се додава во барањето.

Со иницијативата родителите предлагаат и засилена контрола при детектирање на болни деца, но строго се противат на скрининг и тестирање на дневна основа, бидејќи сметаат дека тоа ги трауматизира децата.

Родителите се согласуваат дека носењето маска значително ги штити децата од заразување со вируси, но многу од нив веќе имаат некаков вид имунизација против ковид, прележале или се вакцинирале, и сметаат дека маската во ваков случај нема логика, па дури и штети.

Доколку не им биде прифатено барањето, родителите се закануваат дека ќе излезат на протести.