Вкупно 25.775 лица починале лани, што е дури за 26 отсто зголемување во однос на 2019 година, кога починале 20.446 граѓани, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика, објави Фокус.
Ако добро се разгледа извештајот, може да се забележи дека на прво места на скалата по смртност се болести поврзани со срцето, крвните и лимфните садови, па така, само лани од овие болести починале 10.726 пациенти. На второ место се малигните болести, од кои починале 6.683 заболени, а дури на третото место доаѓа опасниот ковид вирус.
Но, сепак, уште позапрепастувачки бројки се појавија во една од анализите на Министерството за здравство, кое претставуваше истражување за ефикасноста на вакцините врз ковид 19.
„Во периодот од 01.01.2020 до 30.09.2021 умреле вкупно 42.970 од 1,886,124 испитаници на возраст од ≥11 години. Од овие, 17.823 смртни случаи се регистрирани во периодот на следење на студијата, од кои 3.947 биле смрт од регистрирана ковид 19 (22.145%)“, се наведува во истражувањето.
Инаку, повеќето од лекарите тврдат дека во изминативе две години главен фокус бил ставен само на пандемијата и во третирањето на овие пациенти.
„Другите болести беа ставени во втор план за третман. Кардиоваскуларната нега кај пациентите беше комплетно нарушена. Стравот од зараза беше една од причините да се одбегнуваат редовните лекарски прегледи и контроли.
Во следниот период нѐ чека епидемија од малигни заболувања кој што овие две години останаа недијагностицирани и нелекувани“, вели во изјава за „Фокус“, кардиологот Владимир Ристовски од Градската болница „8 Септември“.
Според него, државите погодени од пандемијата пријавија зголемена инциденца на пациенти починати од ненадејна срцева смрт, пониски стапки на успешна реанимација и зголемена смртност.
Извор: Фокус