Општина Битола и преспанско-пелагониската епархија чествуваат за Свети Нектариј Битолски, патрон и заштитник на градот. Свети Нектариј Битолски е светител што ѝ припаѓа на групата преподобни маченици, монаси-подвижници, кои што своите животи ги завршиле маченички.
Според житието, преподобниот Нектариј е роден во Битола. Точната дата на неговото раѓање не се знае. Но, бидејќи умрел како старец во 1500 година, може да се претпостави дека е роден некаде во 20-те години на XV век, околу 1420-1430 година. Родителите на Нектариј биле побожни и праведни луѓе. На крштевањето на својот син му го дале името Никола, а подоцна, при замонашувањето, го добил името Нектариј.
Преподобниот Нектариј уште како дете заминал од Битола и своето светителско достоинство го добил далеку од своето родно место, во Света Гора, најголемиот христијански центар на Балканот и таму останал до крајот на својот живот, односно до 5 декември 1500 година кога преподобниот Нектариј тивко и достоинствено се преселил во вечното царство Христово. Нектариј живееше особено горк живот. Сега се насладува од божествениот нектар одозгора, е напишано во Житието за Свети Нектариј Битолски.
Пет години по неговата смрт, неговите ученици и следбеници го отвориле неговиот гроб, за да му ги пренесат моштите и забележале дека тие не биле распаднати и од нив се ширела пријатна миризба во воздухот. Моштите му ги положиле во ковчег, на кој што бил направен релјеф на неговиот лик. Ковчегот со неговите мошти и денес се чува во Света Гора, во ќелијата каде што се подвизувал.
Споменот на Свети Нектариј Битолски, заштитникот на градот Битола, се слави речиси две децении со празнична богослужба како што синоќа во Соборниот храм „Свети Великочаченик Димитриј“, отслужи Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, а утрово во тек е Утринска богослужба, а потоа ќе следи и Литија.
За Литијата и нејзиното значење
Литијата е православен обред кој се извршува во форма на торжествена поворка од страна на свештенослужителите и верниците, проследена со црковни химни, икони, крстови, рипиди и други свети предмети, со цел да се отдаде почит кон Бога и Неговите светии и да се испроси Неговата благодат и милост. Една од особеностите на литијата е тоа, што таа се извршува околу храмот, манастирот или градот.
Според востановената традиција, во Битола по завршувањето на Светата Божествена Литургија, од храмот Св. вмч. Димитриј, се спроведува свечена Литија со моштите на „Свети Агатангел Битолски“, а учесниците се движат низ повеќе улици во централното градско подрачје, околу Храмот и по Широк сокак.
Чествувањето за Свети Нектариј Битолски завршува со традиционален прием на митрополитот г. Петар кај битолскиот градоначалник, а годинава новоизбраниот прв човек на градот Тони Коњановски најави дека од следната година на Денот на заштитиникот на градот ќе се доделуваат парични награди за талентираните ученици кои постигнале високи резултати во своето школување.
Марјан Танушевски