Јапонските и американските вооружени сили направија план за заедничка операција при евентуална ескалација на ситуацијата во Тајван, објави јапонската агенција Кјодо, повикувајќи се на неименувани извори од јапонската Влада.
Ваквиот развој на настаните веројатно ќе предизвика реакција на Кина, која го смета Тајван за одметничка провинција и која треба повторно да се обедини со главната територија на Кина, па дури и со сила доколку е потребно, наведува јапонската новинска агенција.
Според нацрт-планот, американските трупи ќе формираат времена база за првичниот напад на островите Нансеи, синџир што се протега од југозападните јапонски префектури Кагошима и Окинава кон Тајван.
На Окинава постојат голем број инсталации на американската војска во Јапонија.
Американските трупи ќе добијат поддршка од јапонските одбранбени сили за испраќање војници на островите (Нансеи) доколку се случат непредвидени настани на Тајван, додаваат владините извори.
Меѓутоа, таквото распоредување би ги направило јапонските острови цел на кинеската армија, што би ги загрозило жителите, наведува Кјодо.