Една година по упадот во зградата на Капитол Хил, Американците и понатаму се загрижени за својата демократија, а речиси една третина од нив веруваат дека употребата на сила понекогаш може да се оправда за одбрана на демократските идеи. Ова го покажуваат две истражувања на јавното мислење, цитирани од светските агенции.
Нападот на 6 јануари 2021 година извршен од приврзаниците на Доналд Трамп врз зградата на Конгресот беше знак за растечко политичко насилство, а американската демократија и денес е загрозена, според две третини испитаници во анкетите на Си Би Ес Њуз.
Според друга анкета на „Вашингтон пост“ спроведена заедно со Универзитетот во Мериленд, гордоста на Американците од нивната демократија се намалила на 54 отсто од 90 отсто во 2002 година.
И двете анкети покажуваат дека Американците имаат конкретни поводи за загриженост. Во првата анкета, 28 отсто од испитаниците сметаат дека може да се употреби сила за да се заштити изборниот резултат. И во втората анкета, 34 отсто од граѓаните сметаат дека понекогаш може да се оправда насилното дејствување против владата.
Двете анкети го илустрираат континуираното постоење на длабоки разлики во американското општество, и покрај ветувањата за помирување од страна на новиот претседател Џо Бајден.
Една година подоцна, две третини од гласачите на Трамп сè уште мислат дека демократот Бајден не бил легитимно избран за претседател и дека имало изборна измама во 2020 година.
Непосредно пред нападот на Конгресот, републиканецот Трамп лично им се обрати на своите поддржувачи, повторувајќи дека изборите се украдени и ги повика, како што изјави тој, да се борат како ѓаволи.
Оттука, околу 60 отсто од Американците сметаат дека Трамп има голема одговорност за упадот на неговите поддржувачи во Конгресот, во момент кога пратениците ја верификуваа победата на Џо Бајден на претседателските избори во ноември 2020 година.
Американскиот претседател Џо Бајден и потпретседателката Камала Харис в четврток, на 6 јануари, ќе имаат свое обраќање, на годишнината од нападот на Конгресот.