И по заминувањето од функциите продолжувам да сум на страната на граѓаните, бидејќи верувам дека тие се единствените кои имаат моќ да ги менуваат работите на подобро. Продолжувам силно да се борам за граѓанските вредности, за еднаквоста, за интересите и правата на децата, младите и жените. Ова го истакна министерката за образование и наука Мила Царовска, во завршното обраќање на крајот од нејзиниот мандат, со кое им се заблагодари на граѓаните за дадената доверба да им служи во три наврати, како министерка за труд и социјална политика, вицепремиерка, а во последната година и половина и како министерка за образование и наука.

-Бев во влада предводена од социјалдемократи, кои успеаа да ја вратат слободата во општеството, вербата во институциите и да ја зајакнат меѓусебната граѓанска почит. Во еден исклучително тежок период, во време на транзиција од режим кон демократија, но и во време на сериозна здравствена криза, заедно со мојот тим покажавме дека можеме многу да придонесеме во справување со општествените и предизвиците на секој поединец и да направиме темелни промени кои водат кон подобро утре.Работевме интензивно, транспарентно и отчетно, оследно застапувајќи ги демократските, а почитувајќи ги граѓанските вредности, но и потреби, барања и иницијативи, притоа водејќи се по една и единствена мисла дека ова општество може и мора да биде еднакво за сите, дека има место за секого и секој заслужува подеднаков третман од државата, вели Царовска додавајќи дека е горда на постигнатите резултати.

Таа истакна дека со социјалната реформа која ја имплементирала како министерка за труд и социјална политика целосно е променет начинот на кој државата се грижи за најранливите.

– Системот на социјална заштита сега е подготвен да ги апсорбира сите семејства во социјален ризик, при што во моментов 35.500 домаќинства се приматели на финансиска помош која ја зголемивме речиси тројно, а обезбедивме и поддршка за вработување. За да ја намалиме детската сиромаштија, воведовме детски додадок кој го користат околу 47 илјади деца и образовен додаток кој го користат околу 30 илјади ученици и студенти, рече Царовска.

Со промените направени во секторот труд и социјала, нагласува, ги унапредивме и правата на лицата со попреченост и создадовме социјална сигурност за повозрасните. Решен е и деценискиот проблем на стечајците со обезбедувањето на месечен надоместок до пензионирање.

-Нашиот императив беше да создаваме вистински инклузивно и праведно општество, притоа менувајќи ја јавната перцепција за лицата со попреченост и создавајќи простор за нивна подеднаква вклученост во сите општествени процеси. Во оваа насока,  донесовме и одлука да повеќе нема згрижени деца во сивите и гломазни институции. Тие сега живеат во семјна атмосфера, со повеќе љубов и внимание во малите групни домови, а „Тимјаник“ стана синоним за борбата против дискриминација и за прифаќање на лицата и децата со попреченост во заедницата, рече Царовска.

Министерката посочи дека се направени сериозни инвестиции во раниот детски развој и воспитание, со изградбата на најсовремени градинки и вложување во усовршување и кариерен развој на воспитувачите и негователите со што е вратени достоинството на оваа професија.

Смета дека како министерка за образование и наука со образовната реформа е обезбедена добра основа за континуиран развој на националниот образовен систем.

-Усвоивме нова Концепција за основно образование со која се промени целосно пристапот во наставата и таа стана поинтересна, интерактивна и креативна. Започнавме со етапно воведување на нови наставни програми и современи  материјали за учење базирани на интеркултурализам, еднаквост, недискриминација кои, освен печатени, достапни се и во дигитален формат, во аудио верзија, а се напишани и на Брајово писмо.Посебните училишта станаа основни училишта со ресурсни центри и тие обезбедуваат поддршка на секое училиште во кое има запишани ученици со попреченост, за што, ангажирани се 500 образовни асистенти кои повеќе не се товар на родителите и старателите, туку обврска на државата, вели Царовска.

Министерката посочи дека МОН изминатиот период работеше и на враќање на атрактивноста и вредноста на средните стручни училишта кои беа загубени поради негрижа во минатото.

-Концептот на дуално образование се прошири во целата држава, а во практичната подготовка на учениците се вклучи и бизнис заедницата. Основавме три регионални центри за стручно образование и обука со кои ќе се овозможи стручна надградба, доквалификација, или преквалификација заради полесно вработување и обезбедување економска лична независност, нагласува таа.

Министерката посочи дека ученичкиот и студентскиот стандард се издигнале на повисоко ниво и оти над 27 илјади, студенти добиваат субвенциониран студентски оброк, нова мерка за олеснување на студентскиот живот и поголем фокус кон суштината на студирањето. Според неа, поголемиот дел од стипендиите се зголемени за 80 проценти, но се воведени и нови категории.

-Особено сум горда што дури и во вонредни околности и услови на пандемија, овозможивме секое дете да продолжи да учи во училница, како најдобра опција од интерес на младите, рече Царовска.

Со процесот на дигитализацијата кој бил забрзан во изминатите година и половина, училиштата се опремиле со современа информатичка опрема, додека голем дел од услугите во областа на образованието – како уписи на првачиња, аплицирање за стипендии и сместување во ученички и студентски домови, станаа достапни електронски.

-За време на мојот мандат во МОН, изградивме неколку нови училишта и спортски сали, а повеќе беа опфатени и со реконструктивни активности. Имаме и проект за реконструкција и постигнување на целосна енергетска ефикасност на студентските домови кој е во тек и ќе се реализира до 2024 година, потенцира министерката.

Според Царовска, науката е заживеана со двојно зголемување на средствата за оваа намена. Во последните два месеца, нагласува, распределени се речиси 250 милиони денари за опремување и поддршка на научните лаборатории и за реализација на научно – истражувачки проекти од посебен интерес за граѓаните и државата.