-Кога сум патувал низ Балканот, а сум патувал многу, тоа што ми оставило впечаток е дека инфраструктурата горе-доле ни е на едно ниво, економиите ни се горе доле на исто ниво. Музиката ни е еднаква. Секој на Балканот за себе говори не само конструктивно и позитивно туку и ги прекорува другите. Како е можно да имаме толку заеднички нешта а толку лоши мисли да се зборуваат, изјави за Сител премиерот на Бугарија Кирил Петков.
Запрашан кој е неговиот став за македонскиот јазик и народ Петков одговори дека Бугарија е првата држава која ја призна Македонија како самостојна држава и тој се гордее со тоа.
-Кога си самостојна држава ние по ниеден начин не го доведуваме во прашање идентитетот, јазикот во Република … Македонија. Тоа е ваше идентитетско право. Никој тоа не го оспорува. Постојат две прашања. Прво, зошто за толку години не сме направиле поблиски врски. И тоа не на политичка основа. Треба да изградиме вистински взаемни врски кои нема да зависат од тоа кој седи тука. Да не зависи кој е премиер во Македонија или Бугарија. Тие врски треба да се трајни. Ако двата народи мислат дека имаме најдобри односи, ниеден политичар нема да се осмели да направи нешто друго. Второ, не треба да мислиме тесноградо. Дел од проблемите треба да ги адресираме на едно европско ниво. Ако поставиме едни јасни правила, како на пример дека говор на омраза не е дозволен. Секој обид треба да се пресече. Не може да се користи говор на омраза за сосед со кој сакаме да имаме добрососедски односи, вели Петков.