Непостоечкото македонско малцинство во Бугарија е српска лага наметната преку репресија и терор, вели бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски во реакцијата на завчерашното интервју на претседателот Стево Пендаровски.
– Во Бугарија нема македонско малцинство, никогаш немало и нема да дозволиме да има, вели Џамбаски, кој е потпретседатек на партијата ВМРО на поранешниот вицепремиер Красимир Каракачанов.
Според Џамбаски „безобразното и неодговорно однесување на премиерот Кирил Петков“ довело до дрски изјави на претседателот Пендаровски.
– Според него, во Бугарија имало Македонци, а ние сме се мешале во нејзините внатрешни работи. Ова е единствениот резултат од многу успешното, според Петков, гостување во РСМ. Не, Стево Пендаровски, ние не ви се мешаме во внатрешните работи, едноставно и јасно сакаме да го почитувате Договорот за добрососедство, да го почитувате постоењето на бугарската заедница во Република Македонија и да престанете да ја фалсификувате историјата. Не ние, туку Бугарите во Македонија, кои ги гмечите со болшевичко-комунистичката злоба, баравме да бидат внесени во вашиот Устав. Многу е едноставно. Ставете крај на лицемерието и преземете чекори за почитување на вашите обврски, наместо да си го чешате јазикот на непостоечкото „македонско малцинство“, што е српска лага наметната преку репресија и терор, вели Џамбаски во објавата на неговиот профил на Фејсбук.
Бугарија, додава Џамбаски, има јасна и дефинитивна позиција и таа нема да отстапи од неа.
– Време е господинот Пендаровски и сите белградски марионети да се откажат од илузорните надежи дека ќе се препуштиме на вашата дрскост. Вашата влада мора да го признае и да се извини за геноцидот извршен врз македонските Бугари од македонскиот крвав Божик. Безусловно. За почеток, бара европратеникот Џамбаски.