Британските медиуми ја пофалија премиерката Тереза Меј за нејзиниот пркосен говор во кој, таа ја обвини ЕУ за непочитување и му се закани на Брисел.
„Најсветлите моменти на Тереза Меј“, пишува Дејли експрес, а Фајнешел тајмс пишува за „фрлањето ракавица од премиерката на нејзините европски колеги“.
Обидувајќи се да ја спаси својата репутација пред јавноста, рејтингот во партијата и да одговори на предизвикот од ЕУ, Меј во петокот застана пред Британците видно потресена поради одбивањето на нејзиниот нацрт – план, кој со тешка мака го избори, пригушувајќи ја побуната во нејзината партија. Обвинувајќи ја ЕУ за застој во преговорите заради „длабоко непочитување“ на британската страна, порача дека работите може да се поместат од мртва точка само со „сериозен ангажман“ од ЕУ.
Нејзината изјава го зајакна стравот на пазарот од „неуреден“ и нагол развод на Лондон од Брисел, поради што фунтата падна за 1,5 отсто во однос на доларот, што претставува најголем дневен пад во последните 15 месеци. Бизнисмените, по потресот, повикаа на „прагматизам“.
На состанокот во Салцбург, претседателот на ЕС Доналд Туск, за нејзиниот нацрт договор за раскинување на врските, изјави: „Не ќе може“. Меј му одговори ден потоа: „Вчера Туск рече дека нашите предлози го поткопуваат единствениот пазар. Но, не кажа контра предлог. Ја повикувам ЕУ да изнесе предлози и да каже што е алтернатива“, рече Меј.
Британската премиерка им се обрати на државјаните на земји од ЕУ кои живеат во Британија, давајќи им еднострано ветување: „Во Обединетото Кралство живеат повеќе од три милиони граѓани на ЕУ. Загрижени се и прашуваат што значи за нивната иднина исходот од состанокот. Сакам да знаете дека дури и во случај да нема договор, вашите права ќе бидат заштитени“, порача Меј.
Таа повтори дека нема да го прифати барањето за царинска граница во Ирското Море ниту ќе дозволи Британија да остане дел од единствениот пазар: „Брисел не смее да мисли дека Британија ќе одржи уште еден референдум за останување во ЕУ, ако не се постигне договор за брегзит. Тоа нема да го сторам“, нагласи Меј.
Доналд Туск, како што пренесува Јутарњи лист, делумно се повлече и го ублажи ставот од Салцбург. Изјави дека ЕУ „планот на Меј го смета за чекор во вистинска насока“. Европски извори изјавија дека ЕУ ќе ги изнесе своите предлози пред самитот што е закажан за идниот месец. И од британската влада има повици ЕУ да се оддалечи од „провалијата“ Брегзит без договор.
Говорот на Меј во петокот беше наменет за поправка на штетата што и ја нанесоа насловите за срамот и понижувањето во Салцбург, не само во јавноста, туку и во нејзината партија, каде што веќе подолго време и се ниша позицијата. Тајмс истакнува дека Меј одржала говор откако Марк Карниј, гувернер на Банк оф Ингланд, го известил кабинетот дека Брегзит без договор ЕУ може да ја чини пад од еден до 1,25 на БДП, дури и со воведени заштитни мерки.
Еден од најголемите проблеми за државите од ЕУ во случај на изостанување на договор, пишува Тајмс, ќе бидат деловните договори, односно можноста некои одеднаш да станат неважечки.
Британската влада тврди дека работи на три сценарија во случај да не биде постигнат договор.