Јануари годинава се карактеризира како просечно студен и подпросечно влажен месец во споредба со многугодишните просечни вредности, согласно мерењата и набљудувањата на метеоролошките станици во државава што ги врши Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
-Колебањето на температурата изнесуваше 7,8 степени Целзиусови и се движеше од -2,6° степени во Маврово до 5,2 степени во Гевгелија. Споредено со просечните јануарски средномесечни температури, за триестгодишен период (1981-2010), овогодинешната била 0,1 степен над просечната на ниво на држава. Во почетокот на месецот беа забележани високи максимални и минимални температури невообичаени за овој дел од годината. На повеќе мерни места максималните температури беа повисоки од апсолутните максимални вредности. Највисоката максимална температура беше измерена на 1 јануари во Гевгелија и изнесуваше 20,7 степени, информира УХМР.
Забележени се минимални температури под нулата на сите мерни места особено поинтензивно ниски во третата декада. Најниската температура во текот на месецот е измерена во Берово, на 25 јануари и изнесуваше -19,6 степени.
Како што соопшти УХМР, во јануари годинава колебањето на месечната сума на врнежи во државата изнесуваше 55мм и се движеше од 9,3мм во Прилеп до 64,4мм во Маврово.
-Врнежите беа од дожд и снег, претежно во почетокот на втората декада од месецот. Максимална дневна количина на врнежи од 37,5мм беше регистрирана во Демир Капија на 11-ти во месецот. На Попова Шапка на 11-ти беше измерена снежна покривка од 60 сантиметри. Споредено со јануарската просечна вредност за многугодишен период (1981-2010), измерената месечна сума на врнежи беше 15мм под просечната, учествуваше со 67 проценти во просечната на ниво на држава, наведуваат од УХМР.