Кинеската тенисерка Пенг Шуај изјави дека големата загриженост за неа, била заснована на „огромно недоразбирање“. Таа, во интервју за „Л’Екип“ (L’Equipe), негираше дека го обвинила поранешниот заменик премиер на Кина, Џан Гаоли, за сексуален напад.
Победничката на Вимблдон и на Ролан Гарос, исчезна од јавноста во ноември минатата година, откако го обвини Гаоли за сексуално злоставување. Нејзината објава на интернет, брзо беше избришана.
Во објавата, таа напиша дека Гаоли ја присилувал на сексуален однос и покрај нејзиното противење. Таа исто така кажа и дека пред седум години, имала сексуален однос со некогашниот влијателен член на Комунистичката партија. Тенисерката потоа имала чувства кон него.
Францускиот спортски весникот наведе дека едночасовниот разговор со Шуај, што е објавен денеска, е спроведен во контролирани услови во хотел во Пекинг. Го организирал Олимпискиот комитет на Кина.
За време на интервјуто, не се добиени одговори за некои од клучните прашања околу нејзините првични обвинувања за сексуално злосторство, како и дали оттогаш имала проблеми со кинеската Влада.
„Л’Екип“ морал однапред да достави прашања, а официјално лице од кинескиот олимписки комитет учествувало во разговорот, за да ги преведи изјавите на тенисерката од кинески јазик. Еден од условите за интервјуто, бил и тоа да биде во форма прашање – одговор.
На објавените фотографии се гледа како тенисерката, за време на интервјуто, носи црвена тренирка, на која пишува „Кина“.
– Сексуален напад? Никогаш не изјавив дека некој сексуално ме злоставувал. Таа објава доведе до огромно недоразбирање. Моја желба е значењето на таа објава повеќе да не биде извртено, изјави Пенг.
На прашањето зошто долгиот текст го снема, таа рече бидејќи така сакала.
Околу тоа дали имала проблеми со кинеската Влада по објавата, таа одговори:
– Пред се, сакав да кажам дека емоциите, спортот и политиката, се три јасно одвоени работи. Моите емоционални проблеми, мојот приватен живот, не треба да се меша со спорт и политика, наведе Пенг.