Искршени стакла од киоск во кој се продаваат цвеќиња и свеќи кај црквата „Св. Недела“ во Битола можеше да подгрее нови обвинувања за наводна нетрпеливост кон Бугарите во Македонија.
Како што објави порталот СДК, на времениот објект во сопственост на секретарот на бугарскиот Културен центар „Иван Михајлов“ во Битола, вчера му биле искршени стаклата. Тој ова го пријавил во полиција, но и во Генералниот конзулат на Бугарија во Битола, а потоа е утрдено дека тоа било семејна нетрпеливост и дело на поранешната сопруга на секретарот.
Од центарот „Иван Михајлов“ вчера на Фејсбук првично објавија дека бил нападнат објектот на секретарот на Центарот.
– Одново се наложува да си поставиме прашање дали е тоа само вандалски и криминален акт или станува збор и за нешто друго, стои во објавата, а под неа многу коментари со обвинувања и говор на омраза против Македонците.
Но, исто така на социјалните мрежи се јави сторителката на делото, односно поранешната сопруга на секретарот и призна дека таа го оштетила објектот.
СВР Битола денеска соопшти дека Б. Ш. (44) од село Брусник, Битолско, пријавил дека со тврд предмет било извршено оштетување на стакло од влезна врата на времен објект (киоск). Полициски службеници презеле мерки и било утврдено дека сторител е неговата поранешна сопруга, која во службен разговор со полициски службеници го признала делото и појаснила дека го сторила поради нивни недоразбирања.
А Културниот центар „Иван Михајлов“ во центарот на Битола подготвува простории за отворање на клуб „Ванчо Михајлов ВМРО“.