Службите на Европската Комисија соопштија дека претседателката Урсула фон дер Лајен се слушнала телефонски со јапонскиот премиер, тие разговарале за Украина и снабдување со гас, јави дописничката на МИА од Брисел.

Фон дер Лајен и Фумио Кишида, јапонскиот премиер, се слушнале утрово околу 9.30 и се согласиле дека од блиску треба да се следи ситуацијата во Украина. Двете страни ја потврдиле поддршката за суверенитетот и интегритетот на украинската држава и се заложиле да вложат напор кон деескалација на тензиите со Русија.

Тема на разговор била и енергијата, поточно течниот природен гас, во контекст на длабока енергетска криза во Европа.

Претседателката на Комисијата му се заблагодарила на премиерот на Јапонија за диверзијата на пратките на течен природен гас од Јапонија, по одлука на јапонската влада.

-Премиерот Кишида изјави дека одлучи да го сподели вишокот на течен природен гас со Европа во знак на солидарност со сојузниците и партнерите истомисленици кои споделуваат вредности, и двајцата лидери потврдија дека ќе продолжат да соработуваат за да обезбедат енергетска безбедност, информираа од Европската Комисија.