Заедно со колегите министри од ДУИ, предводени од претседателот Али Ахмети, денеска ја посетивме Тирана, каде бевме пречекани од премиерот на Република Албанија, Еди Рама, објави вицепремиерот Артан Груби.

– Уште една средба која ја потврдува взаемната поддршка на патот кон Европската Унија, поддршката на пријателска Албанија во дијалогот со Бугарија и институционалната координација за реализација на приоритетите на изградба на Коридорот 8, железничкото поврзување долж неа, патот на Арбер, заедничките гранични премини, енергетското поврзување Битола – Елбасан и многу други проекти, објави Груби на официјалниот профил на Фејсбук.

Заедно повикавме на мир, додава Груби, осудувајќи ги денешните напади на Русија над територијалниот интегритет на Украина и вредностите на демократскиот свет.

Со своја објава се јави и Ахмети, која ја насловува со „фала ти за се Еди“:

– Фала ти за се Еди. Со очи на хоризонтот на перспективата за интеграција во Европската Унија и со цел продлабочување на соработката меѓу нас, братски се сретнавме денеска во Тирана со премиерот на Република Албанија, Еди Рама. Во фокусот на нашата средба имавме меѓуинституционална координација за поефикасни проекти за инфраструктурно поврзување меѓу нас, како што се: Коридор 8, железничка врска долж него, улица Арбер, полесен пристап преку нив до пристаништето Драч, земја заеднички граничен премин, енергетска врска Манастир – Елбасан и многу други. Разговаравме и за дијалогот со Бугарија и очекувањата за отклучување на нашето заедничко европско патување. Како членки на НАТО, изразивме загриженост поради ескалацијата на ситуацијата во Украина осудувајќи го нарушувањето на нејзиниот територијален интегритет и повикувајќи на мир, напиша Ахмети.

Ниту Ахмети, ниту вицепремиерот Груби не наведуваат која земја ја претставуваат во Албанија, како ни тоа која земја Албанија ја поддржува во преговорите со Бугарија.

Инаку, Груби е прв вицепремиер на Република Македонија, во Владата на премиерот Димитар Ковачевски.

(Д.Г.)