Министерството за одбрана на Русија вечерва соопшти дека руската армија го блокирала Киев од запад.
„Главните сили на воздухопловните трупи ги здружија силите со руските десантни единици на аеродромот Гостомел и го блокираа главниот град на Украина од запад“, изјави портпаролот на руското Министерство за одбрана Игор Конашенков, пренесува Интерфакс.
Тој го обвини украинското раководство дека се обидува да користи цивили како жив штит.
„Руските вооружени сили нема да извршат никакви удари врз станбените области на главниот град на Украина“, рече Конашенков.
Како што наведе тој, според податоците на Министерството за одбрана на Руската Федерација, во борбите загинале повеќе од 200 припадници на специјалните единици на Украина. Претходно денеска руското Министерство за одбрана соопшти дека руската армија ја презела контролата врз нуклеарната централа Чернобил.