Бараме решение кое нема да го загрози статусот на нашиот јазик и ќе успееме во тоа. Доколку не се договориме околу тоа прашање, не може да има никаков договор со Бугарија, изјави денеска вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ за Македонското радио.
Тој додаде дека Владата внимателно пристапува во преговорите и се води според Резолуцијата усвоена од сите партии во Собранието.
-Идентитетските прашања Бугарија може да се обиде да ги отвори, но тоа не значи дека ние би влегле во разговор и би прифатиле компромис. Затоа инсистираме сите точки да се решаваат во пакет, каде ќе има баланс во компромисите, додаде Маричиќ.
Вицепремиерот кажа дека за Владата е неприфатлива каква било промена или додавка во преговарачката рамка со ЕУ за македонскиот јазик и неговиот статус во Унијата.
Тој повтори дека позициите во разговорите со Бугарија се определени од Резолуцијата во Собранието, каде што Владата доби јасна задача да се држи до заштита на македонскиот јазик и македонскиот идентитет и да изнајде достоинствено решение.
Маричиќ нагласи дека со цел остварување на тоа, но и на почеток на преговорите со Европската Унија треба да се искористат овие недели и месеци за отворање и обид за затворање на сите теми.
-Наша цел е да имаме сеопфатен договор, каде јасно ќе се определат обврските од двете страни и ќе бидеме сигурни дека чекорите што би ги направиле ќе доведат до кревање на ветото, истакна Маричиќ.
Вицепремиерот изјави дека членството во ЕУ и НАТО е од наш интерес, бидејќи функционирајќи во тие системи на безбедност, сигурност и развој на економијата, го подобруваме нашиот живот и помагаме граѓаните да останат тука, наместо да бараат пасоши од други држави за да работат во ЕУ.
-Ситуацијата во Украина е шанса за ЕУ да покаже заинтересираност и лидерство во Западниот Балкан. Политиката на проширување била и е силен адут за трансформација на државите и општествата. Тоа го видовме со проширувањето од 2004 година кога цела Источна Европа влезе во ЕУ, потенцира Маричиќ.
Тој додаде дека европскиот проект не може да биде комплетен без државите од Западниот Балкан, бидејќи ние сме опкружени со земји-членки на ЕУ и сме во центарот на ЕУ.
-Ова е шанса ЕУ да покаже дека Западниот Балкан припаѓа во ЕУ, пред трети страни да почнат да дејствуваат со свои интереси тука, кои би не застраниле од патот кој сме го зацртале пред 30 години, изјави Маричиќ.
Вицепремиерот рече дека треба да се искористи можноста и да се покаже дека овие земји припаѓаат во ЕУ, за да не се поставуваат прашањата за алтернативи.
-Алтернативни постојат, но тие се полоши од членството во ЕУ. Ниту една алтернатива на ЕУ не нуди модел за развој, потенцираше Маричиќ.