Бившата министерка за одбрана, Радмила Шекеринска ја брани актуелната министерка за обрана и нејзина сопартијка, Славјанка Петровска од сексистички напади на социјалните мрежи.
– Застануваме солидарно зад Славјанка Петровска, зашто ниедна жена не треба да биде мета на родово базиран говор на омраза. Изминатиов период повторно гледаме што сѐ ѝ се случува на една жена која има јавна професија и професионално си ја извршува работата. Сè додека јавноста ги гледа жените единствено низ сексистичка призма, ниту ќе видиме повеќе жени на одлучувачки позиции, ниту ќе се искорени објективизацијата на жените во сите полиња на нејзиното постење, објави Шекеринска на својот профил на Фејсбук.
Шекеринска по смената од функцијата министерка за одбрана, на чија фотелја седна токму Петровска, подолг период е отсутна од јавноста и се јавува сега да ја брани колешката.
Тоа е за поздравување, жените да се бранат од недолични напади. Но, има една фалинка во тоа што, додека Шекеринска беше министерка за одбрана, никогаш не се јави во одбрана на други жени од јавниот и политичкиот живот врз кои имаше уште погруби напади.
Еден од примерите е и опозициската политичарка Рашела Мизрахи, која беше жртва на многу погруби и понедолични коментари и од истакнати новинари блиски до владејачкиот табор. Сигурно има и повеќе други слични примери.
Доблесноста и „црногорското чојство“ на бившата министерка за одбрана сега ќе беа многу поголеми ако настапела слично и во одбрана на жената опозиционерка, која беше напаѓана додека Шекеринска седеше на министерската и вицепремиерската фотелја.
А сега ова е само уште еден пример дека сто стапа по грбот на опозиционерка помалку болат отколку еден врз колешка-министерка.
(Д.Г.)