Германскиот министер за економија Роберт Хабек повика да се намали моќта на рускиот претседател Владимир Путин и на крај таа да се уништи.

„Треба да направиме се што можеме за да ја намалиме моќта на Путин и, на крајот, да ја уништиме“, изјави Хабек, кој е и германски вицеканцелар, за телевизијата АРД.

Хабек се спротивстави на повиците за итно запирање на увозот на енергија од Русија, додавајќи: „Кога ќе можеме да кажеме дека со нафта и гас имаме обезбедени синџири на снабдување, тогаш можеме да го направиме следниот чекор“.

„Откажувањето на гасот од Русија сега може да доведе до прекин на греењето во Германија следната зима“, изјави тој.

Според него, доколку се прекине снабдувањето од Русија и не се појават нови извори, тогаш Германија нема да може да ги загрее куќите и да ја обезбеди потребната енергија за индустријата.