На полноќ заврши јавната пропаганда и започна 48-часовниот молк пред референдумот што ќе се одржи в недела на 30 септември, на кој граѓаните треба да се изјаснат дали прифаќаат името на Република Македонија да биде сменето и во иднина да се вика Северна.
Прифаќањето на таквата додавка ќе значи и промена и на Уставот, промена на сите инстутуции што ја носат придавката „македонска“, „македонски“ и сл. Прифаќањето на новото име на државата, исто така ќе значи промена на сите лични документи, лични карти, пасоши, возачки дозволи, сообраќајни, легитимации… и сите други, во кои треба да биде внесено новото име Република Северна Македонија.
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги вчера извести дека кампањата „Твој став, твое право“ на Државната изборна комисија, како кампања од јавен интерес не спаѓа во јавната пропаганда за референдумот и може да се емитува и во петок и во сабота иако веќе ќе е молк пред референдумот.
Според одлуката донесена од страна на Собранието на Република Македонија, прашањето за референдумот ќе гласи: „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО, со прифаќање на договорот на Република Македонија и Република Грција?“
Во референдумското прашање, иако првенствено целта на референдумот е смена на името на државата, никаде не стои дека името за кое граѓаните треба да се изјаснат е Северна Македонија. За време на јавната кампања, речиси воопшто не се спомнуваше дека името на државата ќе биде Северна, а постојано во говорите и во пропагандниот материјал се користеше европска Македонија.
Јавната кампања официјално заврши, но продолжува прикриената, со активности од страна на власта на изградбата на јавни објекти и други прикриени промоции.
Право на глас на плебисцитарното изјаснување в недела имаат 1.806.336 гласачи, запишано во Избирачки список. Гласачките места на 30 септември ќе бидат отворени од 7 часот до 19 часот.
Ден претходно, в сабота, ќе гласаат болните, изнемоштените, лицата во домашен притвор, затворениците, како и државјаните на Република Македонија во странство.
Референдумот ќе го надгледуваат околу 12 илјади домашни и речиси 500 странски набљудувачи.