иВоведовме важни санкции за Русија, но во енергетиката, треба внимателност за мерките што ги преземаме, за да не ни штетат нас повеќе отколку на Русија, истакна грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во интервјуто за Си-Ен-Ен, јави дописничката на МИА од Атина.
Мицотакис објасни дека ЕУ „воведе многу обемен пакет санкции, во споредба со сето она што беше направено во минатото“, но и дека овие санкции имаат значајни последици.
-Ќе ја видиме руската економија да се намалува, можеби за десет отсто. Сите профити што Русија ги оствари во последната деценија би можеле да се елиминираат во рок од една година. Значи, ова се многу важни санкции. Секако во однос на енергетиката, треба да бидеме многу внимателни за мерките што ги преземаме, да не завршиме на крајот нас да ни штетат повеќе отколку што и наштетуваат на Русија, потенцираше Мицотакис во интервјуто.
Рече дека САД се многу помалку зависни од рускиот гас отколку Европа, но и дека „енергетската транзиција на Европа сигурно веќе не е само климатско прашање, туку е и геополитичко прашање“.
За економијата истакна дека сите ќе треба да ги ревидираат прогнозите за стапката на раст и веќе постојат инфлациски притисоци како резултат на војната, а енергетските трошоците ги погодуваат граѓаните.
-На крајот на денот, иако имаме обврска да ја поддржиме Украина, исто така имаме обврска да ги поддржиме нашите граѓани за да не кренат потешки товари отколку што можат да поднесат, порача грчкиот премиер.
Во однос на грчката помош за Украина, објасни дека е испратена и воена и хуманитарна, а во Грција веќе се згрижени околу 15.000 Украинци, додавајќи дека за бегалското прашање, „ќе треба сите е треба да сториме повеќе, бидејќи бројот на бегалци ќе биде многу голем и тоа е нешто што го знаеме во Европа“.