Историски успех за С. Македонија и силна гаранција за нашата безбедност, стабилност и просперитет, напиша утрово министерот за надворешни работи Бујар Османи по повод две години од членство на земјава во НАТО.
-Денес одбележуваме две години од членството на С. Македонија во НАТО, наше најголемо надворешно – политичко достигнување и најзначајна политичка верификација на нашата државност. Нашето знаме се вее заедно со другите 29 знамиња на НАТО – сојузниците, сведочејќи за единството и солидарноста меѓу партнерските земји во овие времиња на безбедносни предизвици со кои се соочуваме.
Станавме посилно интегрирани во евро-атлантската заедница, како сојузници со најголемите и најсилни држави, најсозреани и најстабилни демократии со кои споделуваме заеднички вредности. Застанавме рамо до рамо со најмоќните држави во светот и рамноправно придонесуваме за зајакнување на мирот и стабилноста во регионот и светот, истакнува Османи.
Според шефот на дипломатијата, во актуелните околности, најважно е да имаме вистински пријатели и сојузници со кои заеднички ќе ги обликуваме значајните одлуки и ќе придонесуваме за нашата заедничка безбедност.
-Заедно и обединети стоиме 30 земји сојузници со еднаква определба за одбраната на мирот, безбедноста, слободата и демократските вредности, наведува Османи во објавата на Фејсбук.
Министерот синоќа соопшти и дека по повод две години од членството на НАТО, зградата на МНР беше осветлена во боите на Алијансата.