Инвеститорите на фотоволтаици за сопствени потреби треба да се охрабрат, а оние што инвестираат за продажба на струја да бидат повнимателни. И едните и другите да ги следат процедурите за реализација на инвестицијата, изјави денеска Кочо Анѓушев, заменик-претседател на Стопанската комора на Македонија и претседател на Македонската енергетска асоцијација (МЕА).
Според Анѓушев, во услови на скапа струја и на неизвесност од цената, фотоволтаиците може да придонесат за обезбедување дел од потребната количина електрична енергија на две основи – кога компаниите сами ќе инвестираат за сопствени потреби или преку инвестирање во производство за други потрошувачи.
Но, како што рече, и во едниот и во другиот случај мора да се почитува постапката за реализирање на инвестицијата, која бара одреден период и определени финансиски средства како влог.
Во првиот случај, кога се произведува на покрив за сопствени потреби, компаниите, вели Анѓушев, треба да имаат предвид дека постојат шест чекори што треба да се изодат.
– Да се извади решение од Општината, под услов објектот да е запишан во катастар, да е изваден имотен лист и да има проект за статика на покривната конструкција, бидејќи се става дополнителна тежина на покривот. Ако документите не постојат, за нив треба да се спроведе постапка за легализирање на објектот, но и за изработка на проект за статика на изведена состојба. Да се направи проект за електрика на фотоволтаичната електрана, кој не одзема многу време, ниту, пак, е сложен процес. Пријава во „ЕВН дистрибуција“ за добивање точка на приклучок за произведената електрична енергија. Склучување договор со снабдувачот кој ќе го преземе вишокот произведена електрична енергија, појасни Анѓушев.
Во вториот случај, како што појасни, кога се произведува електрична енергија за продажба од фотоволтаици поставени на земја, треба да се затворат четири прашања – да се реши урбанистичко-административното прашање. Додаде дека ако земјиштето не е урбанизирано, треба да се спроведе постапка за урбанизација и да се направи пренамена на земјиштето. Притоа, додава, треба да се има предвид дека ако станува збор за инвестиција до еден мегават, постапката се води во општините, а над еден мегават во Министерството за транспорт и врски.
-Да се побара приклучување на мрежа, каде што произведената електрична енергија ќе се предаде во системот. Овој процес не значи дека приклучувањето на мрежа мора да биде на најблиската приклучна точка, особено кога станува збор за инвестиции поголеми од половина мегават. Операторот на преносниот или на дистрибутивниот систем („ЕВН дистрибуција“ или „МЕПСО“) има обврска да издаде место за приклучок кога е издадена градежната дозвола. Притоа добро би било точката на приклучување инвеститорот да ја провери однапред, бидејќи неретко се случува трошокот за изградба на приклучокот да биде поголем и од инвестицијата во фотоволтаичната електрана, додаде Анѓушев.
Напомена дека снабдување опрема е исто така постапка, бидејќи најголем дел од опремата или од деловите за опрема се увезуваат од Кина и од други азиски земји и нивната вредност зависи од моментот на испорака и од начинот на плаќање, процес кој може да трае подолго, со што се менува вредноста на целата инвестиција.
Имајќи ги предвид двете опции, Анѓушев вели дека секој стопанственик кој сака да инвестира за сопствени потреби треба да го направи тоа, но да ги има предвид чекорите што мора да ги спроведе и тоа дека таа инвестиција не се прави преку ноќ, туку потребен е одреден временски период. А секој што сака да инвестира во производство за продажба на струја треба да ги има предвид сите четири прашања што ги образложи тој.
Но, според претседателот на МЕА, значајно е тоа што интересот за вложување во фотоволтаични електрани во следните години може да создаде вишок струја во одредени периоди од денот и од годината, што доведува до намалување на цената на струјата и до промена на планот за враќање на инвестицијата.
Како што соопштија од Стопанската комора на Северна Македонија, изјавата на Анѓушев следува по драстично зголемениот интерес на компаниите и на инвеститорите за вложување во изградба на фотоволтаични електрани, како и по многуте отворени прашања што ги упатуваат фирмите на адреса на Стопанската комора, од аспект на постапката за реализација на целокупната процедура.