Најавите од МВР и јавното обвинителство, како и на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, дека ќе се следи говорот на омраза поврзан со војната во Украина резултираше со две пријави.
Од МВР за ТВ Канал 5 велат дека по нив се постапува по службена должност и во координација со обвинителството, но не откриваат кој се бил цел на такви напади и за што конкретно станува збор. Најавија дека се преземаат мерки согласно кривичниот законик, по што ќе следеле соодветни поднесоци.
-Oд страна на Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика се постапува по две пријави, за „ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на комјутерски систем“, односно се преземаат мерки за нивно комплетно расчистување, по што ќе следат соодветни поднесоци, изјавиле од МВР за Канал 5.
Во меѓувреме, здруженијата на Украинци во Македонија преку соопштение до медиумите бараат спречување на говорот на омраза и ширењето на, како што велат, дезинформации во врска со војната во Украина. Тие, како што објави телевизијата, велат дека разгорувањето на проруското расположение и нанесува штета на Македонија и според нив е насочено кон дестабилизација на земјава и регионот.
-Поради тоа, како и поради отсуство на киберполиција во земјава, бараме начин да се справиме со енормниот број коментари кои служат за покренување говор на омраза и поттикнување и оправдување насилство врз Украина во македонската јавност, пренесува ТВ Канал 5.
Од друга страна, руската амбасада во Македонија уште на почетокот од инвазијата во Украина најави дека ќе ги следи случаите на, како што што беше наведено, русофобија во земјава.
Завчера министерот Спасовски во интервју, а претходно и МВР и Јавното обвинителство, соопштија дека координирано ќе се борат против говорот на омраза поврзан со негирање на воени злосторства и геноцид.