Дојдоа многу тензични времиња. Написов затоа и го поднасловив: „Слобода во облаците“, позјмено од С. Жижек, како претпазливост околу можното и неможното што може да биде остварено во Македонија.
На сите им е јасно, дека со оглед на геостратешка ситуација на Македонија, поставена објективно на таканаречената „линијата на огнот“, како што беше речено, настаните, влијанијата и судрувањата ќе се случуваат со неизвесност. И при тие услови останува и е уште понагласено опстојувањето како Македонија на својот пат.
Императивот е зачувувањето на македонското ткиво, унитарниот карактер на македонската држава. И покрај очигледните пројави на албанскиот сепаратизам, сегрегизам, јазичен партикуларизам и културен изолационизам, што се јавуваат како испомоќ за реализација на големоалбанската агенда, користејќи ги турбулентните времиња за евентуалното остварување на „големите политички цели“. Дотолку повеќе што постои и надежта за подршка кај големите евроатлански сили. Или дека би можела да постои поради потхрануваните илузии во некоја смисла, во меѓувреме.
Притоа, сосема е јасно дека територијалните претензии, од било која страна, како и во случајов, би ја загрозиле внатрешната стабилност на Македонија. Оттаму, во Македонија сите процеси кои водат кон дестабилизација, го ставаат политичкиот фактор пред одговорностна, на сите можни начини, да ги предвести и да ги сузбие. Спротивно, со политички отстапки, во секоја смисла, уште повеќе во внатрешните односи, се виде дека, на долг рок, само создаваат дисфункционални состојби.
Истоветно, со отстапките при склучувањето на договорите за пријателство, колку и да беа насочени за отпочнување на преговорите со ЕУ, и за да се помират меѓудржавните односи, наместо да ги изрелтивизираат спротивностите на страните, создадоа само неприфатливост и незадоволство кај Македонците.
Преспанскиот договор поради лошата теоретска примена на историскиот карактер на македонската држава применувајќи ја аналогијата со американскиот концепт на држава и прагматичното помирување на спротивставените ставови. Така со елементарниот одговор на прашањето дека, ако државата е на северниот дел од територијата на Македонија, тогаш таа е северна Македонија. Занемарувајќи го македонскиот народностен карактер на државата и претпоставувајќи ја македонската држава, преку споредбениот пристап со американската држава, како држава на демос. Односно како држава на оние кои што живеат на таа територија и се нејзини политички припадници или единствено како политичка заедница која нема народносен квалификатив.
Додека во договорот со Бугарија е пројавена крајна непретпазливост околу македонската историја. Причина да створи последици со двојни импликации. Договорот со Бугарија со клаузулите за „заедничката историја“ и за „македонскиот јазик според Уставот на Македонија“ ја пројави крајната непретпазливост да се почитува дека македонскиот народ, во неминовниот негов историски развој, прераснувајќи во нација, ја создава македонската држава, и со идентитетските импликации за македонската историја и за македонскиот јазик.
Следствено, договорот не само што ги усложни меѓудржавните односи со Бугарија предизвика и внатрешно колебање, произлезено од пристрасното толкување на програмската определба во македонскиот национален процес за република, соответно на времето, како за граѓански концепт. Но да се превиди дека македонскиот национален процес е истовремено природноправен процес, односно остварувањето на националните задачи на македонскиот народ. Како заложба која е присутна во македонската политичка програма истовремено и во севкупната научна и публистичка продукција, до денес, во Македонија. Имено, основата на Гоце Делчевата мисла за културен натпревар на народите го отсликува токму природно-правниот карактер на националниот процес. Дека културата како наука и уметност претставува севкупно творештво на народот во националниот процес. Тоа се облиците преку кои се разоткрива народниот идентитет и се изградува националната свест.
Девизата на Гоце Делчев, меѓутоа, денес, сака да се претстави со претенциозност за натпревар на различните народи што живеат во Македонија превидувајќи ја реалноста на македонска нација и македонската држава како резултат на националната програма на македонскиот народ. Па се повикуваат на припомош повиците за Илинденското востание на Турците, Власите да учествуваат во востанието за националното ослободување и слично, негирајќи го граѓанскиот карактер на процесот и пледирајќи за конгломерат на нации и националности во македонската нација.
Процесот на создавањето на македонската нација е елабориран со задачите што стојат пред македонскиот народ кај Крсте Мисирков, 1903 година, во неговата значајна книга „За македонските работи“. Очигледно под влијание на нивниот современик, рускиот филозоф Николај Берџаев.Тези развиени и кај Г. В. Ф. Хегел, современо, кај Вања Сутлиќ и, програмски, важечка ориентација во ЕУ за да прерасне во заедница на народи.
Од што, на крајот, се извлекуваат и консеквенциите дека, без да се прекине врската на македонскиот народ со неговите делови, опфатени во соседните држави, македонската државна политика е повикана да почитува дека сите права на Македонците мора да се остваруваат според Рамковната конвенција што се однесуваат за деловите од народите и за малцинствата. Идентично и за релациите на националните малцинства во Македонија со матичните држави.