Денеска македонскиот народ им одржа една голема лекција на сите на Балканот, а посебно нам во Црна Гора, како мирно, достоинствено, храбро и патриотски се чува сопствениот идентитет, демократијата и сувереноста, пишува Вијести од Подгорица, цитирајќи соопштение од Демократскиот фронт (ДФ).
Низ цела Македонија вечерва во 19 часот се затворени гласачките места на кои граѓаните се изјаснуваа на референдумот за промена на името на државата во Република Северна Македонија. На референдумот за името на државата до 18,30 часот гласале 34,09 отсто од граѓаните со право на глас, соопшти ДИК.
– И покрај невиденото мешање на странскиот фактор, нечесното и двосмислено прашање, притисоците од Брисел, Берлин, Вашингтон, Париз… Македонците денеска покажаа дека слободната волја на народот е посилна од Сорос, глобалистите и нивните марионети. Ја користиме оваа прилика да му честитаме на македонскиот народ за покажаната историска одговорност за зачувување на националното и државно достоинство. ДФ ги повикува граѓаните на Црна Гора да се огледаат на Македонците и сите крупни политички одлуки да се носат со консултирање на народот на фер и слободни референдуми, соопштува ДФ.
Од овој црногорски политички сојуз додаваат да му служи на чест на Црна Гора, кога нејзиниот премиер јавно се фали дека носеле одлуки против кои е 80 отсто од народот.
– Во минатото Македонците им се восхитуваа на честа, силата и слободарството на нашите предци, а во ова време ние со голема почит гледаме на отпорот кој на разни моќници им го демонстрира тој мал но горд народ. Ако можат Македонците, можеме и ние. Слобода или ништо, пишува подгорички Вијести.