Отстапувања нема да има и вакциналниот картон и понатаму ќе биде дел од задолжителна документација за упис во основно образование. Но тоа нема да значи дека невакцинираните ќе останат надвор од образовниот процес туку надлежните на други начини ќе ги едуцираат родителите дека треба  да ги заштитат децата од опасни болести. По вчерашните различни мислења на дел од здравствените власти кои дури беа спротивни со законските решенија,  министерот Венко Филипче вели дека ова е конечниот став.

Потврда за примени вакцини при упис во училиште мора да има задолжително како и до сега  и од тоа отстапување нема. Падот на опфатот со имунизација е сериозна и загрижувачка работа од појава на опасни заразни заболувања. Што ќе се случи и кој ќе одговара ако се појави епидемија од морбили или случај на полио. Вакцинацијата е задолжителна а ќе бидат засилени и контролите на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, вели во изјава за Сител министерот за здравство.

Филипче вели дека вакцинацијата е неопходна за зачувување на колективниот имунитет и заштита од морбили, заушки, дифтерија полио и други веќе искоренети болести во земјата. Дополнителна опасност за невакцинираните деца е и меѓународниот трнаспорт кога лесно можат да бидат заразени од опасни и смртоносни болести.

Во Македонија во последните две години опфатот на имунизација во поголемите градови е под 90 проценти што ја смести државата во високо ризични земји за ширење на заразни болести.