Овој споменик не е за поделба туку е за обединување, и мора така да се доживува од сите граѓани, бидејќи немаше никаква провокација, немаше ниту било каква намера да биде против било кого друг, туку да се одбележи еден историски момент како што е војната од 2001 година, изјавил за Индекс.мк првиот вицепремиер на Владата, Артан Груби за денешното учество во селото Слупчане на инаугурацијата на споменикот во чест на ОНА (УЧК).

Во однос на изјавите како треба да се доживее овој споменик, Груби појаснил дека нема намера да биде против никого, туку дека тој настан треба да биде означен како историски момент, додавајќи оти треба да влезе во новата историја на Македонија.

– Новата историја на РС Македонија не може да се пишува без ОНА, односно дека новата историја по 2001 година мора да ја вклучува таа епизода од модерната историја на РС Македонија, вели Груби.

Првиот вицепремиер на Владата додал оти изјавата на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, е главната порака од денешниот настан за откривањето на споменикот во чест на паднатите борци од ОНА.

Али Ахмети во текот на својот говор порача дека овој споменик не нѐ дели, туку нѐ обединува, додавајќи оти ОНА е составен дел од историјата на нашата земја, без која не би можел да се постигне Охридскиот мировен договор.

Вчера во селото Слупчане, Општина Липково, се одржа церемонијата за откривање на 20-метарскиот споменик во чест на паднатите борци на ОНА, кој Ахмети го најави уште лани на 2 мај – датумот на кој ДУИ го слави „Денот на мачениците на народот“.